Вистина-Вистинољубие

Потребно време за читање: 4 минути

Ја сонуваше како да е со неа предолго безимена во некое реално време. Ја сонуваше како штотуку буден и како штотуку будни заедно. Во ниедно време, во кревет, по возбуда, страст, огнен секс. Во неговиот живот единствена која наајпосле успеа да ја запознае каква што е.

-Вистина си Вистина?!-ја праша збунет, повеќе изненаден.

-Зошто не веруваш? Зошто да не сум?,-го праша насмеана и опуштена.

-Не дека не ти верувам. Само ми е чудно. Досега не сум сретнал девојка или жена така именувана. Вистина, згора гола за мене, згора предадена на мојата страст, со чиста мисла за љубов непорочна…Да не ти е тоа прекар? Уметничко име?-инсистира недоверливо.

-Ни прекар ни уметничко име. Името ми е Вистина. Ми го дале татко ми и мајка ми затоа што вистинољубието им било најважно во животот,-му одговара решително.

-Вистино, убавице моја…Колку убаво звучи…Интересно. Јас буден и ние штотуку будни заедно…Како ти звучи: Вистино, не можам без тебе?

Вистина весело:

-Зарем тоа не е вистина?

-Признавам, вистина е Вистина. Не можам без тебе.

Таа сериозна:

-Не можам ни јас, но мораме да се разделиме. Се ближи нов ден, наше ново време. Белки ме запозна досега како Вистина на која вистинољубието ѝ е најважно во животот. Како на моите родители. Повеќе и од љубовта непорочна.

-Ме оставаш?-со разочарувачки глас.

-Те оставам, но знаеш дека нема да те напуштам. Не сакам и не можам без тебе. Јас, твојата Вистина. Се надевам дека ни ти не можеш без мене.

Ѝ одговара весело:

-Во тоа да не се сомневаш. Само да знаеш, Вистино моја, дека и мене вистинољубието ми е најважно. Егзистенцијално.

Ја сони во сон. Како да е со неа во некое реално време. Буден и будни заедно.

Ѝ посочи на многу негови потврди на вистината и вистинољубието во „Жива мисла“:

Вистината иде од вистинољубивост на срцето.

Секоја нова вистина е истовремено доказ на стари и почеток на заедништво со слични или исти.

Вистината секогаш има вистинско име.

Вистината се искажува со зборови вистински и на вистинско место.

Вистинољубието е толку силно, што вистината е вистина и во сон и во будна состојба. 

Вистинит човек никогаш не става маска на лице.

Секоја недоумица предизвикува избор меѓу две или повеќе вистини. Во недоумица нема една и единствена вистина.

Во секоја вистина има зрак светлина.

Се искачуваш кон врв на вистина непоколебливо.

Секоја премолчена вистина е еднаква на лага.

Колку е моќна вистината? Неспоредлива со што било.

Не погаѓаш со вистина, туку вистината погаѓа.

Нема вистина без неспорни аргументи и факти. 

Се чувствува вистината? Се разбира. Особено кога е пред победа.

Веруваш или не веруваш во вистина? Таа не зависи од твоето верување во неа.

Вистинољубието ти помага совреме да го откриеш вистинското значење на вистината.  

Кого боли вистината? Го боли оној што го заробила лагата во себе.

Со измислена лага ѝ се спротивставуваш на вистината.

Извалкана вистина со чиста лага.

Во сон најлесно се поднесува вистина.

Си ја признаваме вистината на себеси за да бидеме дел од неа.

Со вистини се богати духот. Вистини го прават творечки.

Како се вика секоја вистина? Вистина.

Вистините секогаш најпосле ги поразуваат заблудите.

Не пшто подалеку, туку што поблизу до вистината. Сè додека таа не завладее во сите сфери на животот.

Времето работи за вистината. Особено во невреме.

Вистината разболува кога предоцна се открива.

Секоја вистина е едноставна. Како и вистинољубието.

Вистината на виделина, без оглед на сè.

Нема многу вистини, туку секогаш една во едно нешто, пред едно нешто и со едно нешто.

Нема големи и мали вистини. Сите се непорекливи.

Конечно заклучува:
Вистина е дека си во право!

Како можеш да ги лажеш оние во кои веруваш?

И ум и срце и душа за вистина.

За жал, со вистина и чесност секогаш најтешко во животот.

Клеветиш и лажеш зашто се плашиш од вистината.

Без вистина нема ни лична ни колективна слобода.

Кој ја мрази вистината, нема верни пријатели.

Не ја разбираш вистината затоа што ѝ веруваш на лагата.

Не ти се слуша вистина затоа што си навикнал да слушаш лаги.

Нема пријатни и непријатни вистини. Има чисти, голи и болни.

Нема потреба да се велича вистината. Таа е велика сама по себе.

Ја сакам вистината зашто ја знам нејзината вредност.

Со вистина живеам, со вистина ќе умрам.

Светот би бил многу подруг кога би се темелел на вистини.

Не се одлучува за вистина.

Сиромав е зашто секогаш победува со докажана вистина.

Вистината ја кријат дури сама не излезе да виделина.

Бегаш од вистини во свој свет од лаги.

Ниедно зло не излегува од вистина, ниту е последица од неа.

Склон сум да ги изедначувам вредностите на вистината и љубовта.

Вистината се бара таму кај што за лагата нема место.

Одиш кон вистината по трнлив пат и сè поголем е бројот на оние што ти се придружуваат.

Вистината е и лута и горчлива таму кај што се обессилува вистинољубието.

За тебе зборуваат вистини, а ти не им веруваш.

Ја сакам вистината повеќе од себеси.

Лажеш зашто си нечесен и се плашиш од вистина и чесност.

Вистината секогаш победува во вистинско време.

Вистините се едноставни, а ги усложнуваат оние што со лаги опстануваат.

Ја ставиле вистината во окови и страховладеат.

Вистината се ослободува со знаење.

Не постои ни апсолутна ни релативна вистина. Постои нецелосна која е во процес на откривање и докажување, а не во битка против лагата. Таквата погрешно се нарекува полувистина.

Некогаш ни се чини невозможно да ја достигнеме вистината. Само ни се чини.

Зошто човек пијан кажува вистина, а трезен ја порекнува? Затоа што му тежи.

Нема многу и малку, големи и мали, ситни и крупни лаги. Има само лаги кои се поблиску или подалеку од вистини.

Како што треба да знаеш да читаш меѓу редови и да слушаш меѓу зборови, така треба да знаеш да препознаваш вистини од лаги.  

Се борам за вистината со сето мое битие. Без оглед на животните последици поради тоа.

Со вистини се докажуваш себеси како личност.

Вистината не му наштетува никому. Лагата им наштетува на сите.

За вистина од сиромав, а против лага од прекуноќен богатник.

И глад и жед и патење и болка за вистина.

Убава е вистината, а секогаш грда лагата.

Може вистина без вистинољубие? Може, ама многу тешко.

Ги потроши сите лаги и сега е сиромав бедник.

Вистината го ослободува човекот, но и го задолжува да ја брани.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 21