Веќе видено

Навнатре и однатре

Општо речено, таа е сосем во право кога тврди дека за неа е сè веќе видено. Ништо не ја изненадува, ниту нешто ја начекува неподготвена за каква било реакција. Обично се смешка рамнодушно и обично не се ни поместува од место.

Старица е, а ни сама не знае колку години носи на плеќи и што сè претурила преку глава. Во сиромаштија од дете, од раѓање, потоа како лична и стројна мома, па мажачка, па две машки и две женски рожби умрени на три, четирипол, шест и девет години; работа на нива и по куќа од утро до ниедно доба, наспоредно со чување, гледање и ранење стока, сè до едновремена грижа никогаш да не угасне, да не пеплоса, да не се остави пусто домашното огниште.

Кога зборува или на друг начин реагира за веќе видено, таа најчесто ги спомнува љубовта и семејството. Имено, според неа тие отсекогаш биле и секогаш ќе бидат основата како на индивидуалниот, исто така на колективниот опстанок. Рамнодушно и на свој говор го говори тоа:

Прочитај и за ... >>  СТИХУВАНИ БЕСЕДЕЊА, стихозбирка

„Љубовта е иста и иста ќе остане. Ако е права, имала и ќе има каков било живот. Ако е крива, нема да трае ни дури трае. Семејството опстанувало и ќе опстанува само кога е сплотено, без оглед на близоста до и на далечината од домашното огниште. Крајот, пак, и на љубовта и на семејството е неминовно во самоста“.

Старицата никогаш не пропушта да нагласи дека веќе виденото најмногу иде од неукост и неопитност.            

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 71

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.