Тежок живот

Потребно време за читање: < 1 минута

-Си имал тежок живот?

-Зависи како гледаш на животот и што е тој за тебе. Белки не мислиш дека нечиј живот е целосно тежок, од раѓање до смрт.

-Се разбира дека не мислам. Кога човек мисли дека неговиот живот бил лесен, тежок, проблемски, проблематичен, со многу премрежја, тој обично мисли на оној дел од него што е непосредно или посредно поврзан со самостојноста или зависноста, со деловни успеси или неуспеси, со творечки сомнежи и достигања. Те прашав не како живот си живеел, живееш или кои биле тежестите во него, туку дали си имал тежок.

-Ќе ти одговорам дека сум имал многу, дури неизмерно тежок. Особено во моите поодминати години и во мојава старост. Многу години.

-На самодокажување?

-Погоди! Затоа што тоа си го препознал во други, па не ти е непознато? Ние не сме биле толку блиски за да го знаеш тоа. Или и ти мислиш дека токму времето на самодокажувањето е толку повторливо што е одамна „општо место“?

-Самодокажувањето кај секого трае најдолго. Почнува од млади години, од полнолетството, а не завршува ни по смртта. Друга е неговата леснотија или тежеста сама по себе, секогаш неспоредливи со чии било. А знам и дека самодокажувањето им е иманентно особено на творците.

-Мене самодокажувањето ми било и ми е најтешко. Тоа ми е најголемата тежина во животот. Знаеш зошто? Затоа што од една страна  било и е обусловено од околностите и собитијата, а од друга од посветеноста на две едновремени и наспоредни суштини-деловниот успех, наречи го и како кариерен развој, и мислечкото и книжевното творештво.

-Јас смело тврдам дека со таквата самосвест сепак не си имал тежок живот. Напротив. Не го земам предвид материјалното во него.

-Смело тврдиш.   

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 21