ТЕКОВИ, раскази/ескизи, 74

Потребно време за читање: 3 минути

74. Меѓу дивина и питомина

Лидија Петрова и Стојмир Дејаноски се видни и мошне ценети личности во своите кругови. Таа во музичкиот, тој во менаџерскиот. Таа со своите музички дела, особено со симфонијата „Звуците на тишината“, тој со менаџирањето на проектот „Концентрација на промените“ во рамките на меѓународниот систем наречен „Интеграција на енергиите на човекот и природата“. Таа и тој се во зрели години, Лидија на триесет и две а Стојмир на триесет и шест години, и веќе некое време заедно, во интимна врска. Веќе се во последни подготовки за стапување во брачен однос.

Мене, како нивен близок, меѓу нивните најблиски пријатели, најинтересни ми се нивните искази за дивината и питомината на животот; кои неретко се претвораат во меѓусебни расправи, па и расправии. Додека ги слушам, просто не се осмелувам да се замешувам, ни да одобрувам, ни да оспорувам, а најмалку, пак, да заземам страна. Ниту кога бараат мое мислење или став за некој аспект на оваа проблематика. Проблематика? Да, затоа што, како што често нагласуваат и јас целосно се согласувам, доколку се нема свест за присуството и дејството на дивината и питомината врз животот, како и доколку човекот не е во едната, во другата или меѓу нив, лесно може да му се случи да го совлада рамнодушноста, па да се најде, како што често вели Лидија Петрова, „во вртлогот на безличноста и злата судбина“.

Признавам дека ни пред да ги слушнам нив, ни очекувајќи во меѓувреме да слушнам за дивината и питомината како суштина на животот од некои други мои блиски или познајници, јас сум се нашол во некаква меѓусостојба меѓу нив. Како се најдов во таква? Како сум?

Кога промислувам за ова, најчесто како сам по себе да ми се наметнува заклучокот дека дивината и питомината на животот се всушност антиподни кога човек се посветува на едно нешто, што значи дека сè друго му е споредно, па и маргинално. А се преплетуваат, дури се изедначуваат според содржината кога се влегува во нив со еднаква енергија и смисла.

Може ли нивните искази за дивината и питомината на животот да се сублимираат во „најопшти“, во толку затврдени што да немаат потреба од повторување? Еве ќе се обидам, но со нужна задршка дека секогаш може да се дополнат со други досегашни или, пак, тие да ги продлабочат со нови.

Лидија Петрова:

„Рамнотежата на животот, која ги брани и потврдува достојноста, спокојот, личниот идентитет и вредностите, се потврдува кога е човек меѓу неговата дивина и неговата питомина. Тоа значи дека влегувајќи во едната, најчесто прво во дивината, тој не смее да си дозволи предолго да остане во неа, туку колку може побрзо да ја достаса питомината и да влезе во неа. Во спротивно, на пример ако предолго остане во дивината, тој ќе заживее хаотично, дури кошмарно, трошејќи се толку брзо што нема ни да узнае како не ни насетил дека неизбежно му завршува животот тонејќи во рамнодушност. Хаосот, па и кошмарот се најизразити во музиката, во нејзината какафоничност. А во питомината? Ни во неа човек не треба да остане предолго, просто да ѝ се предаде. Затоа што и во неа ќе го наваса рамнодушноста, заедно со задоволството и самозадоволството. Во музиката тоа се изразува со излитеност и монотонија.

Човекот е човек кога е меѓу дивината и питомината пред сè како непомирлив, како борец и творец“.   

Стојмир Дејаноски:

„Многу е важно човек да знае како да остане човек меѓу дивината и питомината на животот. Само во дивината и само во питомината не е целосно она што треба да биде. Да, помалку во едната одошто во другата. Тежнее кон питомината, но греши надевајќи се дека во неа ќе биде најблизу до својата и природата на природата. Напротив, тој во неа ја губи пред сè друго својата творечка енергија. Кога е помеѓу едната и другата, најмногу до израз доаѓа концентрацијата на промените која, пак, инсистира на контрола и посакувано насочување. Всушност, таа претпоставува вештина на менаџирање со нив.  

Предолгиот престој во дивината на животот не предизвикува во човекот само рамнодушност односно помирливост со наметната или самонаметната состојба, надвладување на статичноста, туку и сè поголемо до целосно отуѓување, самонегирање како општествено битие. Предолгиот престој во питомината на животот, пак, ги наметнува доволноста и самозадоволството. Едновремено и постапно и забрзано губење на ритамот и динамиката на живеењето, сè до целосно препуштање на баналноста и монотонијата.

Смислата на животот е во свесното интегрирање и насочување на енергиите на човекот и природата кон однапред поставена достигнувачка цел“.