50. Поет и сликар
Поетот Стојмир Висоски и сликарот Крсто Јагленоски се долгогодишни добри пријатели, веќе навикнати еден на друг толку што да не можат подолго еден без друг. Првата помисла дека пријателството во најголема мера им се темели на творечката близост, на исти или слични размислувања, согледувања и ставови за поетското и ликовното творештво може да се потврди, меѓу другото, со слични дела; се разбира, не во изразот и стилот, туку во замислата, идејата, содржината, структурата. Неспорно е дека пријателството им се докажува во заедничкото време, споделувајќи доживувања, секојдневни настани и случувања во кои се актери.
Често расправаат за делата што ги создале и ги создаваат. При создавањето, пак, неретко се надополнуваат, а тоа значи поетот во едни моменти е сликар, а во други сликарот поет. Тоа лесно се препознава во песни и слики кои во два наврата ги прикажаа на заеднички изложби како единствени, интегрирани, целости, како особени поетско-сликарски и сликарско-поетски светови. Беа изненадени од посетеноста и интересот за нив, а тоа ги поттикна да ги продлабочат пријателството, споделувањето и доближувањето на светогледите, пред сè на заедничкото творење.
Сведочам за нивен многупати искажан единствен, непореклив став во врска со постојаното интензивно создавање поетски и сликарски дела:
Поетот Стојмир Висоски:
„Поетот цел живот пишува не повеќе од две-три песни. А за да ги напише нив, може, па и мора да напише стотина, можеби неколку илјади. Најчесто сам не е ни свесен за тоа, а неретко тоа го согледуваат есеисти и критичари дури по неговата смрт. Меѓутоа, од суштествено значење е вредноста на тие две-три песни како завршени, заокружени, која е посредно и непосредно поврзана, може дури обусловена од вредноста на стотината или неколкуте илјади напишани за да се напишат тие“.
Сликарот Крсто Јагленоски:
„И сликарот цел живот слика не повеќе од две-три слики. Можеби само една. И тој, како поетот, би рекол не оти може, туку мора да наслика стотина, па и неколку илјади. Тврдам дека кога сите слики на кој било сликар би ги наредиле една до друга, тоа би била една, целовита, комплексна слика. Најчесто со прелевања како продолженија на бои, светлини и темнини, знаци, па и една животна приказна односно авантура на духот. Која завршува со неговата смрт“.
Сведочам и за нивниот единствен, непореклив став, но исто така за целовитоста, па и за заемната обусловеност меѓу поезијата на Стојмир Висоски и сликарството на Крсто Јагленоски. Сè уште се во дилема дали станува збор за еден специфичен вид поетско сликарство, односно специфична сликарска поезија. Затоа што тоа би им наметнало обврска за која засега не се подготвени-детална и аргументирана експликација.