45. Среде ѓубриште
Неговото живеалиште е среде ѓубриште. Не е од одамна. Од неодамна е, откога насекаде околу него почнаа да фрлаат секакво ѓубре, да го растат, да го трупаат дојденци во блиските и подалечните градови. Претходно, без нив тие беа големи и мали села, соседски, соживеани, блиски едни од други без оглед на оддалеченоста. Сите се напуштија, се запустија, едно по едно, до последно. А кога на нивно место почнаа да градат висококатници до небо, една до друга, во нив се населија непознати дојденци, којзнае од каде. Од секаде.
Живеалиштето на Трпе Стаменоски, цел живот самотник, до дниве на снеможеност и болникавост, е ниска куќарка од камен и греди, со покрив од ќерамиди. Има само една одаја со два дрвени прозора; во која тој јаде, одмора, спие и се сокрива од секакво невреме. Огништето е лево од вратата, до него кревет со сламарица и пожолтена перница наполнета со гускино перје, а десно има мала маса и столица. Сè направено со свои раце, од оревово дрво. Спроти вратата има оревова комода со мал телевизор во боја. Во неа два застаклени рафта полни со книги.
Трпе си е сам виновен што му е живеалиштето среде ѓубриште. Кога дојденците почнаа да го фрлаат, да го трупаат околу него беше во зрело доба и се спротивстави. Едно време, до некое време пред да остане сам, додека имаше неколку семејства во соседството, соселани, дури предводеше своевидна помирувачка војна! Дојденците дење го фрлаа ѓубрето од своите станови во висококатниците кај ќе стигнат, спакувано во големи црни вреќи, а тој заедно со соселаните со снага ноќе им го враќаше на нивните прагови. Двапати организираше средба со нив за човечки договор, за изнаоѓање решение. На пример, ѓубрето да се фрла организирано на едно место. Тој им предложи една чистина близу до реката. Се договорија. Комуналното прифати за симболичен надоместок да им го носи со возила до неа, но тоа траеше кусо време, само два-три месеци. Дојденците се правеа наудрени, дека не знаат кој фрла ѓубре кај ќе стигне и во кое било време. Комуналното крена раце оти не можеше совреме да го збира симболичниот надоместок.
Од ден на ден среде ѓубриштето се намалуваше бројот на соселаните и нивните живеалишта. Најпосле, од неодамна Трпе Стаменоски остана сам. Снеможен и болникав.
За жива глава не сака да го напушти своето живеалиште. Дојденците и општинските првенци во блиските и подалечните градови неколкупати му доаѓаа, се обидуваа да го убедат да го напушти, да се исели нудејќи му еднособен стан во некоја висококатница. Може да му направат и мала куќарка во некоја приградска населба. Може и иста како неговава. Безуспешно.
Во меѓувреме, тој околу куќарката направи висока ограда од оревово дрво, до кај што беше негова земјата. Сам направи машина за струја и топлина со користење на ѓубриштето натрупано околу него. Ископа и бунар длабок дваесет и повеќе метри! За чудо, од него со канта за вода врзана со јаже на чекрек вади чиста и здрава вода за пиење.
Трпе Стаменоски живурка среде ѓубриште секој ден пребарувајќи ги црните вреќи со ѓубре. Внимателно ги одврзува, ги пребарува, па пак ги врзува и ги остава кај што се. Секогаш наоѓа доволно за секојдневно прехранување.