Tатко на сите комедиографи – Тит Макциј Плаут

Потребно време за читање: < 1 минута

Римскиот комедиограф Тит Макциј Плаут, роден помеѓу 254-тата и 251-та година пр.н.е., умрел во 184-тата година пр.н.е., извршил најголемо влијание во сите книжевности на светот.

За неговиот живот се знае мошне малку. Дури не е утврдено ниту местото на раѓање. Се претпоставува дека е тоа умбриската Сарсина.

Како и Молиер, во младоста ѝ се придружил на некоја дружина на театарски палјачи. Ја открил својата комедиографска дарба и заработил нешто пари, па ѝ се посветил на трговијата. Кога како трговец пропаднал, поради неплатени долгови, станал работник во еден млин каде што, покрај тешката работа, составувал комедии. Така на овој несуден трговец комедиографската работа му донела пари и слава.

На Плаут му се припишуваат голем број на комедии, но истражувачите утврдиле дека од нив само 21 дело се негови, додека сите останати ги создале имитатори криејќи се зад неговото име.

Плаутовите комедии не се секогаш оригинални, туку претставуваат и слободна преработка на грчки дела прилагодени на римската публика.

Најпознати дела: „Аулуларија“, „Амфитрион“, „Магариња“, „Заробеници“, „Коноп“, „Три гроша“, „Персијанци“ и др.

На Плаут, темпераментен театарски човек и голем поет на комедиите, како што за него пишувале, пред сѐ му било важно да ја забавува и насмее својата публика, па затоа и сериозните мисли во светот на неговите комедии начјесто се извртуваат и се претвораат во шега. Поради тоа за некои критичари бил „разузданиот Плаут“, писател на „генијални лакрдии и духовити опери“, „артист, палјачо и комедиограф“, а за други „гордост на латинскиот јазик“.

Најголемото признание на Плаут му го дал германскиот теоретичар Лесинг, кој во своите „Прилози за историјата на театарот и неговите прифаќања“, во 1750. година, го нарекол „татко на сите комедиографи“.

Leave the first comment