Свињи во свињарник и свинштини

Потребно време за читање: 2 минути

Си правеле неврзан муабет свињи во свињарник.

Им рекла една на другите:

-Свињарников ни е ептен нечист. Никако нашиот стопан да се сети и да го позачисти, а на сите страни прави секакви свинштини.

Им рекла друга на другите:

-Јас предлагам да му удриме бојкот. Не со глад, тоа би нè направило да не личиме на свињи и ко такви може со сешто да ни врати, ами со непослушност.

Ги прашала трета другите свињи:

-Дали ви текнува како беше порано, кај нашиот претходен стопан? Беше да ти е милина да бидеш свиња. А сега, кај сегашниов…Туку, се прашувате ли, ко што се прашувам јас, зошто во последно време не ни го чисти свињарников?

Другите свињи се думале некое време, па една од нив одговорила:

-Јас мислам затоа што му се расипа калимерата со партијата на власт. Таа му ја пресече кариерата со тоа што не му даде уште една шанса за шести градоначалнички мандат. Какви сè не свинштини почна да прави…Не да немаше право човекот. Што е право, право е. Ептен го бидуваше за градоначалник. Сетете се каков ни беше свињарников на чело со него ко градоначалник…За милина да бидеш свиња во него…Никако не можам да сфатам зошто не му дадоа.

Прочитај и за ... >>  Рибари

Им рекла петта свиња на другите:

-Добро де, згрешија, ама тоа што им врати со таква свинштина…Кај му текна да се одметне и да се кандидира како независен…Поготово ако се знае дека во нашава политичка констелација никој не може да постигне ништо како независен…Мене лично не ме плаши толку што ни е нечист свињарников, а од ден на ден ни е сè понечист, ами да не му текне да реши да фати џенем, па пред тоа да нè испозаколи сите, една по една.

Им дала шеста свиња прдлог на другите:

-Јас предлагам на нашиот стопан да му го предложиме следниов ептен конструктивен предлог: да формира своја партија, ние да му станеме првите членки. Свињарников да го претвори во партиско седиште, што по дифолт ќе значи дека мора да свети од чистота и да го одржува чист. На тој начин и свинштините што ќе ги смислува и ќе ги спроведува во дело ќе бидат чисто политички. И со нив, како што е добро познато од нашето долгогодишно политичко практикување на партократијава, гарант брзо ќе влезе во власта како коалиционен партнер. Којзнае, може сам или со идна своја коалиција да ја освои власта. На пример со некои од постојните добиточни.

Прочитај и за ... >>  Заедница со сите нишани

Неврзаниот муабет го завршила седма свиња:

-Ама и да го научиме веќе да не прави свинштини на наша сметка, ниту на сметка на партијата во која и со која беше. Не му дадоа шеста кандидатура за градоначалник, ама не може да се прави политичка кариера со реваншизам. Нека ги насочи своите свинштини кон меѓународниот фактор. Како контра на нивните. Што се однесува на нашето колење…ќе се договориме некако.  

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 63