СВЕТОВИ, поезија/припеви, 56-60

Потребно време за читање: < 1 минута

56. Смирение

Тивко, тивко, сè потивко
чекори меѓу дрвјава
столетни.
Да не би да разбудиш
во овој ноќен час
некој дамнешен предок
со негови живи корења.

57. Неважно

Што било било,
отсега нека биде како
да не било никогаш
во нас;
ова што се случува
откога сам јас решив
дека некогаш било
што морало да биде.

58. Игра на зборови

Гледам игра на зборови
кои конечно успеав
да ги ослободам од
минато сегашно време;
им се радувам,
им давам смисла
на постоењето;
и скришно и несетно  
им одземам некој молк
меѓу букви и слогови.
 

59. Далечна светлина

Зошто ли е, зошто ми е
толку далечна,
сè подалечна онаа
моја светлина?
Како да бега од мене,
како да ме остава сам
во тишинава која
која незапирно тоне
во самотија.

60. Коренито

Дојде наше време
на коренито менување
на односот спрема
соседи кои намислиле
да се збрише
какво било значење
на знаците, трагите
и писмото
кои никогаш не биле,
ниту можат некако
да бидат нивни.
Повеќе да не ни се
какви било соседи.