Мојот одговорот на прашањево како наслов е негативен, имено дека воопшто не станува збор за каква било спротивставеност односно судир; или, пак, нексков нов правец на развој на светот, поточно на негово престројување. Станува збор за надминување на погрешното разбирање на нужноста од поинаква согледба на сегашните состојби и можности и како почеток на „ново вереме“. Најнапред тргнувајќи од интересот во најширока смисла.
Основни поимања:
Суверенизмот е идеологија и доктрина која инсистира на политичка независност на народ, нација и држава или регион. Го нагласува принципот на сувереност, а што, пак, подразбира никакво мешање од страна на надворешни „фактори“. Често претставува реакција на заканите по националната сувереност, како што се глобализмот, наднационалните унии, федерализмот и имиграцијата. Го вклучува и национализмот (Франција).
Конкретно, суверенистите се залагаат за предимство на националните закони над меѓународните договори и институции. Тие веруваат дека секоја нација треба да има право да ги одредува сопствените закони и политиики, слободна од надворешно влијание и контрола.
Треба да се има предвид дека суверенизмот не е новост. Тој концепт е осмислен уште во 17. век (Вестфалски мир во 1648., со кој е завршена Триесетгодишната војна во Европа), кога е воспоставена државната сувереност. Неговата „модерна форма“ како политичка идеологија се јавува на крајот од 20. век, кога се случува ерозија на националната сувереност.
Неодамна тој се наметна како доминантен со политиката „Америка на прво место“ на администрацијата на Трамп, со нагласување на националните интереси и суверенитетот над меѓународната соработка. (Претходно Брегзит-повлекувањето на Обединетото Кралство од Европската унија.)
Суштествено за суверенизмот е верувањето во апсолутната сувереност на националната држава.
Што се однесува на глобализмот:
Тој најчесто се дефинира како идеологија и субјективитет поврзан со различни историско-доминантни формации на глобално ширење. Насочен е пред сè кон идеологијата на пазарниот глобализам, а кој ја вклучува идеологијата на неолиберализмот (неолиберален глобализам). Некои учени акцентот го ставаат на мрежното поврзување на светот (Интгернет).
При лична промисла, согледба и определба, доволно е да се има предвид „основата“ на неолиберализмот: против какво било мешање на државата во економијата, протекционизмот, високите даноци и сл.
Мој став:
Суверенизмот му е многу повеќе спротивставен на наднационалните унии и федерализмот, одошто на глобализмот. Напротив, блиско ми е сведувањето на глобализмот на мрежното поврзување. Тоа е „природно“ за светот-планетата Земја и модерното време, а му е иманентно проткајувањето односно интеракцијата меѓу интересните сфери. Што се однесува на глобалниот неолиберализам, очигледно е дека е тој неодржлив. Веќе сме сведоци на негово „изумирање“, не само како радикална „антидржавна“, антинационална-антисуверенистичка концепција, туку во најголема мера како одбрана на спецификите и заштита на конкурентноста на домашните економии.
Го издвојувам суверенизмот наспроти наднационалните унии, федерации, конфедерации и слични заедници. Конкретно, мисла на Европската унија која според мене нема никаква перспектива. Допрва ќе се интензивира процес на „враќање“ на првобитната Европска економска заедница („првобитната“ Шуманова беше само за јаглен и челик), односно напуштање на каква било друга обединетост на Европа освен економската, и тоа единствено како проткајување односно интеракција меѓу националните економии. Во таа смисла е не само неодржлива, туку е и небулозна ЕУ како „единство на различности“. Можно е единствено проткајување и приопштување на различности, пред сè и над сè на различни вредности.
Укажувам на уште една неприфатлива заложба во „рамките“ на суверенизмот: суверенизам на големи и моќни, а геополитички „ограничен“ суверенизам на мали и слаби.
Суверенизмот мора да се прифаќа и развива како еднаков за сите. Тоа најпрвин значи дека тој ниту познава, ниту признава големи и мали, силни и слаби, освен територијално и според бројноста на народите или нациите.
Забележувам сè почесто склучување на договори за „стратешко партнерство“ меѓу одделни национални држави. Сметам дека се тие перспектива на „суверенистичкиот“ свет и вистинска алтернатива на унијатството, федерализмот, конфедерализмот и слични заедници.
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 99