Потребно време за читање: 2 минути

Ги фатило страв животинската и човечката царштина дека во последно време како да се разбираат меѓусебно сè помалку. Дури и во писмото и говорот! Во животинската како да почнале да пишуваат со некое ново, кое главните во човечката не го познавале, и да говорат некој незнаен, на луѓето туѓ говор. Истото почнало да важи и обратно, луѓето да им пишуваат со на животните непознато писмо и да им говорат на некој незнаен, туѓ говор. Се прашувале едните и другите зошто тоа, зошто така, со која цел, но никој не знаел, ниту можел да одговори.

Царот на луѓето му се обратил на царот на животните:

-Царе на животните, што е ова?! Што се случува?!Се нашло некое животно да смисли говор и писмо со кои ќе нè оддалечува едни од други сè до конечна разделба, дури и непријателство? Се нашло, а вие не сте реагирале, ниту мислите да интервенирате соодветно?

Одговорил царот на животните:

-Царе на луѓето, верувај ми дека и јас не знам што е ова и што се случува. Проверивме, истраживме детално и не најдовме такво животно во животинското царство. Јас, животните со мене на власт и моите поданици не најдовме животно со таква зломисла и со такво злодејание. Сè повеќе се убедуваме дека кај вас се нашол таков човек. Кој мрази животни и не поднесува разбирање меѓу нас, животните и луѓето. Особено почетокот и натамошното развивање на соживотот.

Прочитај и за ... >>  Жабурнак

Царот на луѓето:

-Ова не е добро! Ова воопшто не е добро, царе на животните! Се знае кон што води ова. Кон оддалечување, разделба, непријателство и најнакрај меѓусебна освојувачка и асимиласторска борба. Мораме да пресечеме додека не биде предоцна.

Да ти предложам нешто: меѓусебно да ги научиме нашите говори и писма и истовремено да создадеме и надградуваме едни, заеднички за сите. Убеден сум дека е тоа најдобро.

Царот на животните:

-Да ти кажам право, царе на луѓето, за мене станува голем проблем ова што се случува меѓу нас. Особено кога не е ни од некој од нас ни од некој од вас. Сигурно ти е познат трендот во светот, меѓу сите големи и мали царштини. Јазот на неразбирањето, меѓусебното неподнесување, разделување, па и непријателство станува сè поголем.

Царот на луѓето:

-Се разбира дека ми е познат. Сè што се случува како неминовно го води светот кон прва светска хибридна војна. Токму затоа сметам дека мојот предлог е добар, прифатлив и за нас и за вас, конструктивен. Би рекол и мопше перспективен. Белки не треба да те потсетувам на есперантото…

Прочитај и за ... >>  Политикантски кокошарник

Царот на животните:
-Не треба, но не знам дали ти ја осозна причината за неговото неприфаќање, незаживување, јас би рекол и пропаѓање. Според мене, има уште една сосем разбирлива и оправдана загриженост, па и опстаночен предизвик: одбраната на националниот идентитет…

Пресекол царот на човечката царштина:

-Да, да, состојбата е мошне сложена на светско рамниште…Мултиполарноста е веќе и модус вивенди и модус операнди…Ако сметаш дека е невозможно меѓусебното учење на нашите говори и писма со истовремено создавање и надградување на едни, наши, заеднички, тогаш да ги вложиме сите наши дејствија за пронаоѓање на оној или оние животни или луѓе со зломисла и злодејание-во правец на воведување нови говори и писма за наше меѓусебнио разбирање, оддалечување едни од други сè до конечна разделба, дури и непријателство.

Царот на животните прифатил.Обајцата се разделиле исполнети со стравување за утрешнината.

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 65