38. Светлина
Доаѓа до мене
од којзнае каде,
доаѓа во мене
за крвта
да ми ја разгори,
за опстојот
да ми го стамени.
Не е зрак мигновен,
не е искра молневита,
не е издив последен.
Како да доаѓа
да им се спротивстави
на мрачнините
и на неизвесностите
помеѓу моиве
преуморни чекори,
исти како први
или како последни.
Различна светлина
од која било пред нив.
За паметење
откога се будам
рано пред зори
по долг несон
дека се соземувам
конечно од празнини
бесконечни.