СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Потребно време за читање: 3 минути

40. Пламен пред одлука

Нема никаква противречност меѓу причината Пламен и Бисера да се решат на привремено напуштање на татковината, на нивната Македонија, да станат самотни сопатници, нивниот солиден животен стандард и личниот општествен статус наспоредно со личната кариерна надградба од една, со нивната насилна разделеност од друга страна. Напротив, таа-причината би можела да се раздели еднакво на: собитијата во земјата кои дури им ја загрозија заедничката гола егзистенција, онаа што се сведува на рамнодушност, малодушност, рутинерство и никаква амбиција; потоа на оние на кои им пречеше нивното сопатништво-властодршците, заедно со нивните партиски послушници и политиканти, што се плашеа од нивната ученост, умност, младешка одлучност и слободоумност; и најсетне на неизвесната перспектива до загрозување на опстанокот како личности со самосвест, достоинство, идентитет и интегритет.

Пријателот и колега на Пламен во Бирмингем, Никифор Стојменоски, и тој градежен инженер како него, кој му помогна при временото вработување и му помага на секаков начин колку што може, му предложи да ја посетат најголемата јавна библиотека во Европа, која сигурно ќе го одушеви со својата архитектоника, и екстериерот и ентериерот.

Пламен се фасцинира. Никифор во два-три збора му го изнакажа основното што го знае за неа: проектот го развила реномирана дизајнерска компанија, а прво со што се соочува нејзиниот посетител е оригиналната и занимлива фасада во вид на испреплетени метални прстени; целиот екстериер е инспириран од позната работилница за накит во градот-стаклена фасада украсена со филигрански примерок во форма на метални прстени.

Долго стоеја пред неа, а Пламен не издржа да не го информира Никифора дека е пред одлука да го напушти Бирмингем. Очекувана реакција на Никифор: зошто?! Па не поминаа ни цели три месеци!…Се разбира дека е потребно време за адаптација…Во компанијата имаат мошне високо мислење за него. Да не ни помислува дека раководството не ги забележило неговиот ангажман, посветеноста и брзото решавање на тековните проблеми во реализацијата на проектите.  Сигурно брзо ќе напредува и ќе оди многу високо со платата.

Пламен:

-Го знам тоа, ама…не бидува. Овде јас не можам да се најдам. Не сум јас…А има друго, многу поважно, пријателе Никифор. Знаеш дека сум семеен човек. Ти признавам дека е и за мене прилично неочекувано да не можам подолго време без нив. Разделен и далечен од мојата Бисера, од ќерката Ѕвездана и синот Апостол…Знаеш…Јас овде, таа во Монтреал, во Канада, тие во Скопје, во Македонија…Уште не сум одлучил, но сум пред одлука… Непоколебливо…

Веќе сум убеден дека направивме погрешен чекор. На Бисера ѝ го реков тоа. Се замисли…Во опција е и сите кај неа, во Монтреал, таму да заживееме семејно. Мислам и со решение никогаш назад, во Македонија. Им реков да размислат…Нека биде нивна одлуката.

Никифор Стојменоски по долго молчење:

-Ако е тоа поврзано со твојот проект „Паметна зграда“ и неговото „прераснување“ во комплекс згради, цела населба, или со одложената реализација на проектот за карпеста населба…

Пламен:

-Што знам…Можеби…Извесно разочарување…Но ти велам, најмногу ми тежи, просто ми е неприфатлив, не можам да се адаптирам на англискиот менталитет.

Никифор:

-А што од него, конкретно?…Има и сличности со македонскиот.

Пламен:

-Во право си, не сè од него. И тој е мошне комплексен…Не ми пречат придржувањето кон традицијата и вразноста за минатото. Особено патриотизмот. Ние Македонците можеме многу да научиме од нив…Но, контролирањето на чувствата и страстите, нивното студенило…Знам дека во голем дел од него станува збор за самоконтрола, дури основа на џентлменството. Ми пречи претераноста во тоа, прекумерноста…Особено снобизмот, ексцентричноста, ритуалноста…ароганцијата спрема други…Им завидувам на упорноста од една страна, и на рамнодушноста и сомневањето од друга…Англискиот карактер е неспоредлив со кој било друг.

Никифор:

-Ти пречи англиското студенило?

Пламен:

-Тоа најмногу…Нејсе…Просто не можам долгорочно да се „врзам“ за Бирмингем…Што се однесува на карпестата населба…Јас и ти досега не сме разговарале за неа…Не се откажувам…Мислам дека животот во таква е мошне перспективен…Тие се иднина на човечкиот опстанок…Исто како подземните населби.

Никифор:

-Те разбирам…Најголема причина е самотното сопатништво…Ако си одлучен, те поддржувам…Само добро размислете за заживувањето во Монтреал…Колку што ве знам, тебе и Бисера, потребни сте во Македонија.

Пламен:

-Проблем е перспективата на татковината и ништењето на македонскиот народ…Она што се случува во моментов.

Никифор Стојменоски:

-Токму затоа.

Влегоа во библиотеката.

Leave the first comment