49. Љубовта, сексот и…
Пламен во Бирмингем и Бисера во Монтреал, заедно на Viber.
Пламен:
-Здраво, мила моја. Што правиш? Како си?
Бисера:
-Здраво, мил мој. Еве, ми завршува работното време, па се „пакувам“ да си одам во моето прибежиште, ха-ха. Во последно време работата многу ме уморува, а е прашање на ден кога ќе си „накалемам“ уште еден ангажман-вклучување во тим на Невролошкиот институт при Универзитетот МекГил кој ќе ги испитува факторите на ризик од мозочен удар и функциите на мозокот потоа. Проектот ќе трае шест месеци. Многу сум радосна поради тоа…Ти како си? „Спакуван“ си за враќање во Македонија?
Пламен:
-Да, да, сè е „под конец“. Утревечер слетувам на ареодромот во Скопје. Ќе ме чекаат Ѕвездана, Апостол и Славка…Се разбира дека сите се радуваме…Разговаравме надолж и нашир за нашата блиска иднина…Како со пријателите Жан Кадре, Сем Пери и Грозданови?
На лицето на Пламен Бисера забележува речиси невидлива саркастична сенка. Одговара расположена, одвај воздржано:
-Добри се…Се дружиме секој ден…Веќе ти кажав дека Грозданови ми се главните „водичи“ во Монтреал…
И возвраќа со прашање, без оглед што знае оти на Пламен не му е тешко да ја разбере алузивоноста:
-А ти веќе се прости со колегите во компанијата?…Со твојата менаџерка Силвија Нортон?
Пламен рамнодушно:
-Веќе ти напишав во SMS порака дека се простив…И за Силвија ти напишав…
Се враќа на „стар колосек“:
-Многупати досега сме разговарале за нашата љубов, за доволноста, нашата сегашна оддалеченост и самотност. Што се однесува на љубовта и сексот…Сè имаме поставено на свое место. Особено силата, постојаноста и нескротливата страст како дел од личното и заедничкото интимно време…Нашата меѓусебна подаденост, испрелпетеност на огнот…Сексот, пак, до изнемоштеност…Белки не си го променила споделеното мислење за поврзаноста и едновремената раздвоеност на љубовта и сексот, љубовта и личната слобода, љубовта, духовноста и телесноста…
Бисера:
-Зошто не си отворен и директен? Мислиш дека навистина те изневерив со моите најблиски пријатели овде, Жан и Сем?
Пламен малку нервозно:
-А ти мислиш дека јас навистина те изневерив со Силвија?…Можна е изневера на љубов како нашата, сега како самотни сопатници…со „гол“ секс?…Јас ти верувам, Бисеро моја.
Бисера со повратено расположение:
-И јас ти верувам, Пламене мој…Да ти кажам за Горзданови. Знаеш, тоа семејство ми е најблиско овде, мој главен „водич“ низ Монтреал. Разговарав со Тодор и Стојанка за нас, за нашето евентуално семејно заживување овде. Се согласуваат со мене дека тоа најверојатно би значело трајно иселување од нашата Македонија. Но ако така решиме, секако ќе ни помогнат како можат и колку можат. Дури, би немало никаков проблем да живееме во нивната куќа како едно семејство додека не се снајдеме, не се средиме и не се „стабилизираме“…Јас веќе се изјаснив дека сум против. Сепак, ако донесеме заедно таква одлука, неа секако не ќе можеме да ја реализираме преку ноќ. Ќе треба прилично време за сè…А ништо не си ми кажал што ќе правиш од утре, задутре, по враќањето во Македонија. Ќе бараш работа? Мислиш дека те чека? Лесно и брзо ќе најдеш?
Пламен:
-Не биди иронична…Знаеш дека нема долго да останам „на пауза“…Сè зависи од нашата заедничка одлука што ќе решиме со нашето самотно сопатништво…Дали и како ќе го прекинеме.
Бисера:
-Да оставиме на времето. Не е за брзање…Прекинуваме. Сакам да им се јавам на Ѕвездана и Апостол. Не сме се чуле и виделе цела недела.
Пламен:
-Добро. Поздрав.
Бисера:
-Јавете ми се сите заедно од Скопје. Поздрав.