Потребно време за читање: 5 минути

45. Животниот стандард

Ноќите во Монтреал се поживи, поразновидни, пред сè послободни и пореласирачки од деновите. За оние со малку или никакви дневни уморувачки, поготово без премалувачки ангажмани со неброени забавни содржини; разиграни и спокојни во исто време, за љубов и дружељубие. Згора на сè, целосно и раскошно осветлени со разнобојни светилки, трепетни огромни подвижни и статични реклами на фасадите на зградите, големи и мали светлосни знаци и пораки. И несопирлив џагор и колони возила на преполнетите улици.

Доцен ноќен час. Бисера е во својот мал стан, всушност гарсониера. Раскомотена, во свилена црвена ношница, спружена на брачниот кревет со сатенска постелнина во пастелни бои. Му пишува SMS порака на Пламен:

„Мил мој,

Ти пишувам, а не те барам за директен разговор оти е овде доцен ноќен час. Сам знаеш дека, за разлика од кај нас, овде, па и кај тебе ноќите, особено доцните часови се поинакви со оглед на дневните ангажмани и обврски. Ќе се чуеме утре.

Ме замисли твоето нерасположение таму, во Бирмингем; твојата неприлагодливост, решеноста да го прекинеш престојот, што поскоро да ја напуштиш компанијата, како и предлогот да го прекинеме нашево оддалечување со што поскоро збирање на семејството назад, во нашата Македонија, или овде, кај мене, во Монтреал. Може и во некој друг град во Канада. Просто сум изненадена што велиш дека веќе не можеш да издржиш, што издржа таму одвај пет ипол месеци. Веќе интензивно размислувам што е најдобро за нас. Иако мислам дека можеме јас и ти разделени уште некој месец, како самотни сопатници. Па и нашите деца и Славка без нас.

Сега ги оставам настрана нашите лични кариерни цели и амбиции, нашите катадневни работни ангажмани-ти како градежен инженер, јас како медицински технолог. За тоа ќе разговараме допрва. Само ќе потенцирам дека, разбирливо, моето искуство од работата во Македонија, во приватната болница за гастроентерологија, многу ми користи во малата медицинска клиника овде Монтреал, во одделот за гастроентерологија. Сигурна сум дека нејзината тесна соработка со Невролошкиот институт при Универзитетот Мекгил, а особено колегите со кои сум опкружена на институтот, веќе ти ги спомнав прочуените невролози Ед Рутазер и Роберт Затор, многу скоро ќе ми овозможат да се вклучам во некој тимски проект. Несомнен е и твојот успех со „патемната зграда“, без оглед на големата разочараност и неприлагодливоста, особено; „пораснатата“ амбиција на компанијата за градење цела населба и со тоа твое неприфаќање на неминовно долгорочно „врзување“ за Бирмингем. Доколку издржиш, доколку ја зауздаш твојата решителност, сигурна сум дека ќе дојде „на ред“ за реализација и на твојот проект за карпеста населба.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 78

Сега сакам да го изнесам моето промислување во врска со едно од клучните прашања, ако не и „најклучно“ за решението на кое инсистираш-да ја „пресечеме“ нашата насилна разделеност. Не мислам на оние што директно и индиректно, на секаков начин навалуваа на нашето сопатништво-властодршците во нашата Македонија кои се плашеа од нашата ученост, младешка одлучност, слободоумноста, па и умноста. Мислам на животниот стандард и со него поврзаната доволност, сосе собитијата кои ни ја загрозија дури заедничката гола егзистенција.

Ја имам предвид општата дефиниција на животниот стандард: материјална благосостојба на еден човек, односно количество добра и услуги што ги поседува или може да ги стекне, а што зависи исклучиво од личното ниво на приходи; секако и способност да се задоволат личните материјални потреби, меѓу другото квалитетот на стекнатото образование, пристапот кон здравството и дневното работење за покривање на трошоците, а сето тоа наспоредно со напредокот на науките и технологиите.

Кога е збор за моментниот животен стандард во нашата Македонија, тој мора да се утврдува според трите приоритетни показатели: бруто домашниот производ пресметан  по жител за проценка на неговиот просечен доход, паритетот на куповната моќ за споредба со различни земји, имајќи го предвид бруто домашниот произовд по жител како трошење на стока и она што тој може да го стекне со него, како и долговечноста и пристапот до образованието и индексот на сиромаштија.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Посебно треба да се третира разликата меѓу нивото или материјалната благосостојба и квалитетот на животот односно субјективните прашања како што се емоционалните, социјалните и личните благосостојби.

Ако се имат предвид само овие, не и други специфични елементи, животниот стандард овде, во Монтреал е многу повисок, на долг рок недостижен за нас. Да, во однос на просечниот во Македонија нашиот, семејниот беше и е прилично висок, што го имавме во Скопје, во „Габерија“, сè уште го имаме и би го имале кога пак би биле заедно таму. Но ти, Пламене мој, добро знаеш дека е големо прашање до кога ќе трае тоа со оглед на севкупните состојби и она што сигурно допрва ќе се случува. Мислам дека нашиот статус таму може само да продолжи да се влошува. Поради тоталната политизација од една, и нашата слободоумност од друга страна. Затоа ја спомнувам голата егзистенција. Немој да мислиш дека властодршците нема да го „поздрават“ нашето враќање во земјата.

Се сеќаваш на Мудрецот, писателот и интелектулаец Горјан Славески, со кого се сретнавме пред да се разделиме? На разговорот со него за доволноста во животот? И неа ја сметавме за една од главните причини за нашето заминување од татковината. Му ја паметам поентата: доволноста не го запира напредокот на цивилизацијата, туку напротив, го забрзува, овозможува негов непречен напредок во вистинска смисла. Тој „го пренасочува кон квалитетот на животот со тоа што му дава смисла и содржина. Го темели на вредностите и го очовечува, но нема многу допирни точки со животниот стандард“.

Животен стандард-доволност-квалитет на животот. Ете, тоа е тоа.

Јас веќе ти зборував дека овде, во Монтреал навистина се живее полн живот и се работи беспрекорно, без каква  било загриженост и оптовареност. Удобно, што значи спокојно, видливо радосно, во постојан ритам и спонтано. Тој е во врвот на метрополи во светот со беспрекорно функционален систем составен од потсистеми кои функционираат самостојно и наспоредно, испреплетено и надополнувалчки; а од друга страна незабележливо, без какво било наметнување, навалување или загрозување на личната слобода. Меѓутоа, досега во нашите контакти и пораки не сум ни ја спомнала скапотијата на животот. Ти знаеше, сите знаевме дека во Бирмингем е скапо, не само за нас Македонците, Балканците, а подготвувајќи се се информиравме дека е слично во Монтреал. Сега потенцирам дека овде животот е навистина многу скап. Да, мислам на квалитетот на животот, но во извесна смисла и на доволноста. Не велам дека си го крпам животот, дека живеам сиромашки, бедно, врзувам крај со крај секој месец. Ама и не можам на мојата доволност да ѝ „признам“ смисла и содржина на квалитетот на животот.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

На крајов само ќе ти посочам на нешто што го открив уште со првите мои чекори овде дружејќи се со Грозданови. Можам да речам дека Тодор, Стојанка, па и синовите Блажо и Александар, како и ќерка им Невена ми се најдраги пријатели. Прекрасни луѓе. Во Монтреал живеат веќе осум години. Нивниот сервис за автомобили им овозможува да живеат во сопствена куќа од стотина квадрати. Задоволни се од животот, од неговиот секидневен ритам, па и од неговата содржина. Тие ми се главни „водичи“, но…

Како многумина други од „просечните“, не би рекла од средната класа оти таа се разбира сосема поинаку одошто кај нас, и Грозданови не можат да си дозволат  никакво, ни најмало контиуирано збогатување, односно поголемо пренасочување на  животот кон вредностите што него го очовечуваат.

Сето ова ти го напишав за да ти помогнам во промислувањето дали можеме ние и нашето семејство да заживееме овде, во Монтреал. Со голема веројатност дека тоа ќе значи трајно иселување од нашата Македонија. Што се однесува на мене, јас сум против“.

Го испрати напишаново на мејлот на Пламен, го одложи лаптопот на масичето крај креветот, ја изгасна столната ламба, се испружи на креветот, се покри со  чаршавот и замижа за брзо да заспие.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here