42. Бисера, Жан Кадре и Сем Пери
Прилично уморни од неколкучасовната прошетка низ Монтреал, почнувајќи од Кулата Шале, од од која се пружа прекрасна и целосна панорама на градот, па по главната Улица на Света Катерина и одмор на клупа во центарот; потоа пред Музејот на убавите уметности и пред Музејот на современата уметност, а по мал одмор минување крај базиликата Notre-Dame и искачување по улицата San Pol во стариот Монтреал, со планирана последна цел-историскиот музеј Pointe-á-Callière, еве ги Бисера и нејзините двајца (најдобри?) пријатели Жан Кадре и Сем Пери расположени во ова неделно сончево претпладне на Plato, уметничкиот „епицентар“ и едно од најважните места во градот; во едно кафуле во улицата Sen Denis. Тројцата пијат мартини. Расположени, весели, насмеани. Си разменуваат шеги и досетки, разговараат за сè и сешто, си дофрлаат отворени и скришни погледи еден на друг (вообичаено на англиски; францускиот не го користат оти на тројцата им е некако потежок за комуникација).
Пријателите на Бисера одвреме-навреме прават помалку или повеќе индиректни љубовни и сексуални алузии. Таа се преправа како да не дослушува или не разбира, а во мислата оддалеку ѝ се јавува предизвикувачкото „А зошто да не?“. Сепак е внимателна, со своето однесување и наметнување теми за разговор како да поставува граница на пријателството која не дозволува да ја преминат…Љубов? Секс? Со едниот, со другиот? Можеби со обајцата едновремено?…Можеби како ново искуство…Изневерување на Пламен? Никако! И да се случи, тоа нема и не може да биде изневерување.
Жан Кадре беше тој што некако спонтано ја наметна темата за препознатливоста на Македонците. Според што сè се разликуваат од други народи? Имаат ли тие нешто специфично, единствено, идентитетско?
-Од каде сега ваква сериозна тема? Но добро…Не сум размислувала…Да размислам.
И Жан Кадре и Сем Пери станаа сериозни, подготвени да ја слушаат сосредоточено:
-Мислам дека трпението на Македонецот е прво и најизразено во нашево денес, особено ако се има предвид оптовареноста со бројни егзистенцијални лични и колективни проблеми. Впрочем, тоа било такво, доминантно и во дамнешни и во недоамнешни времиња; во кои се живеело многу сиромашно, во длабока беда, кога деноноќно просто се крпел живот. Има две народни изреки кои го докажуваат токму тоа: „Трпение-спасение“ и „Трпеж-крпеж“. Со други зборови, во трпението е спасението од една, а од друга страна трпежот донесува само крпеж. Но, дали е тоа позитивна или негативна особина? Можеби е и позитивна и негативна? Или позитивно-негативна?
Сè зависи од конкретната состојба и од ситуациите во кои се наоѓа човекот, односно со кои се соочува секојдневно. Притоа, трпението е попозитивно како спасение одошто како кога животот е крпеж. На пример, човек секогаш има надеж дека утре ќе биде подобро, може многу подобро од вчера и денес, па со трпение се соочува со некој горлив проблем и се обидува ако не да го надмине барем да не дозволи сосема да зависи од него. Еве конкретно: тој е осамен, сам, без ничија помош и поддршка живее од денес до утре, а се надева дека ќе пронајде другар, пријател, можеби и сродна душа за свој животен сопатник. На колективен план, пак, трпението на Македонците како спасение е најочигледно кога се има предвид денешната севкупна економска, општествена, политичка и секаква друга состојба во Македонија. За чие надминување допрва ќе бидат потребни многу радикални промени, со многу жртви, саможртви и истрајност.
Според мене, токму истрајноста е втората главна карактеристика. Таа е и директно и индиректно поврзана со трпението. За истрајноста односно упорноста или настојчивоста во овој контекст треба најпрвин да се истакне дека кога Македонецот решава нешто, да оствари нешто лично или заедничко со други, да стаса навреме на однапред поставена цел, не може да го поколеба ниту проблем, ниту пречка. Не се откажува ни кога ќе се најде во некоја неизвесна ситуација, ни кога надоаѓаат сомнежи, ни кога е нужна жртва и саможртва. Тоа некогаш се граничи со тврдоглавост односно непопустливост.
Истрајноста е блиска, дури може да се изедначи со доследноста. Човек е доследен на даден збор, има непроменлив став, не отстапува од примена на она што смета дека е неминовно. Ова особено кога станува збор за животната определба и посветеноста во нејзини рамки, а наспроти можностите за лична реализација, кариера, постојаното збогатување на знаењата и усовршување на вештините. Доаѓа до израз и кога од него се бара да се прилагоди, макар привремено, а што не значи некакво помало или поголемо отстапување. На пример, при давање услуга и барање противуслуга тој се прилагодува на услугата, но одлучно одбива противуслуга; или помош во вистинско време на вистинско место, но без помисла на возврат. Толеранцијата и компромисот се исто така директно или индиректно поврзани со истрајноста.
Сакам најмногу да го истакнам почитувањето на традиционалните вредности. Мислам на семејните, на сожителството, љубовта кон татковината, на историјата и трајните културни вредности создавани низ вековите. Тоа почитување е наследно, се одржува, се негува и се брани со генерации затоа што е постојано присутна свесноста оти е суштина на личниот и националниот идентитет.
Бисера заврши, а прв реагираше Сем Пери:
-Браво! Многу прецизно, сублимирано и убаво ни ги претстави твоите Македонци. Но, како да го подзаборави или намерно го премолче модерното сфаќање и прифаќање на смислата и содржините на животот. На пример кога е збор за љубовта и сексот.
Бисера како подналутена:
-Доста алузии!…Другпат за нив. Засега нека е доста дека суштествено во врска со нив се стекнувањето искуство од една, и емотивното доживување, поточно драматичното преживување на изневерувањето на партнерот.
Ги испија своите пијалоци, станаа и се упатија кон стариот Олимписки град, кон пространиот Biodôme покрај стадионот, во кој може да се видат и почувствуваат канадскиот, тропскиот и поларниот екосистем.