Разговор и мисли на Теодор Вишен со Милица Горјанова за срамот. Со повод.
Имено, тој ја познава неа одамна, може да се рече дека е меѓу неговите најдобри пријателки, а никогаш не станало ни збор за љубов меѓу нив. За можна нивна љубов. Не сакаше да се оптоварува себеси со размисла за црвенеењето на нејзините образи кога ја праша дали некогаш или сега чувствува спрема него „нешто повеќе од пријателство“. Токму црвенеењето го предизвика или поточно го поттикна да ѝ зборува и да мисли за срамот и неговото надминување:
„Некако лесно прифаќаме дека срамот постои сам по себе, независно од нас, надвор од наша контрола. Но, не само што не прифаќаме или не признаваме дека постои, туку и самоуверено тврдиме дека тој нас никогаш, во ниеден момент не може да нè обземе.
Доволно е да се повикаме на „најопштата“ дефиниција на срамот; дека тој е непријатна и негативна самосвесна емоција, па да подзапреме и да се поколебаме дека во однос на него сепак не сме какви што се прикажуваме. Треба да го имаме предвид и ставот на психолозите: срамот е чувство на мачна нелагодност која може да произведе силно чувство на вина, на верување дека нешто суштествено не е во ред со нас. Предупредуваат дека тој понекогаш може и да парализира. А не пропуштаат ни да посочат и на различните искуства кои го предизвикуваат чувството на срам: непријатни искуства од детството, напуштање или отфрлање, нездрава работна средина трауми, лични неуспеси.
Надминувањето на срамот е лесно или тешко, без силење или со многу напор, а во зависност од она што го предизвикало и од неговата големина.
Некои со искуство, кои директно или индиректно се соочиле со секакви, мали и големи срамови, инсистираат и на храброст. Особено кога е збор за справување со сопствен срам“.
Ѝ се насмевнува, па продолжува:
„Те прашав дали чувствуваш спрема мене „нешто повеќе од пријателство“ не помислувајќи што би можело да биде тоа. А црвенеењето на твоите образи го толкувам како израз на срам поради нешто длабоко сокриено во тебе. Дека не сакаш да се открие, па не ни помислувам да погодувам што е. И морам да ти признам дека тоа те прави уште полична…Ќе ти речам без никаква врска со мое чувство на срам изразено како воздржаност: „нештото“ повеќе од пријателство во нашиов однос не е љубов или друго близу до неа, туку меѓусебна длабока емотивна приврзаност“.
Милица Горјанова му се насмевнува и дофрлува:
„Не се сомневам дека е раскинливо нашето пријателство, мој најдраг пријателе“.
Теодор Вишен ѝ ги прочита своите мисли за срамот:
Срамот се изразува со зборови, а во зборови се открива.
Нема за што да се срамиш? Воопшто не ти верувам.
Треба да се срамите за вашите постапки, дејствија и злодела за човек да не се препознава себеси.
Засрамувањето трае кусо, може само миг, без оглед поради што и пред кого било.
Бесрамието предизвикува безочност.
Омраза без никаков срам.
Понекогаш срамењето ја поддржува и поттикнува почитта.
Лажен блескот без срам во сенката што го следи.
Безизразен срам во твоите очи.
Му поцрвене лицето од напор и умор. Не од срам оти го нема.
Се срамиш поради туѓ срам? А зошто си го дозволил?
Зошто се срамиш кога нема за што?
Бесрамно лаже и краде откога е на власт.
Голотијата не е срамна кога е таа сеприсутна.
На убаво лице убаво му стои црвенило од срам.
Го јаде срамот во него.
Човечки е да се срамиш, но не да те срамат.
Престап пред срам и по него, ако е од небрежност.
Срам од слабост, бесрамие од суета.
Обично, нашите постапки се внимателни за да не нè засрамат.
При глад и жед се нема срам од питачење.
Срамот те тера да се воздржуваш од постапки против твоите противници.
Поради еден срам многу срамови.
Човек кој се срами е најпрвин одговорен спрема себеси.
Немаат ништо заедничко срамот и стравот. Ни кога се случуваат истовремено и наспоредно.
Самофалбата е бесрамна, а фалбата го раѓа чувството на срам.
Се срамиш во себеси поради сторени гревови спрема други.
Мудар човек не крие кога се срами поради што било.
За срам во љубовта нема место.
Го срамотиш, а потоа се срамиш од него!
Ако се срамиш често или за што било, тоа значи дека уште не си научил како да се бориш против срамот.
Срамот ја поттикнува и ја продлабочува лутината.
Достоинствена сиромаштија, срамотно богатство.
Нема срам во беззаконие.
ЖИВА МИСЛА ИЛИ СИТЕ УМИРААТ, ОСВЕН ЈАС, мислечко-поетичен роман, 45




