139. Гласови и знаци
Слушам гласови
и откривам знаци
на народ сончев
со негов свет
од него создаден.
Знајни ми се,
ме следат од раѓање,
од проодување,
од почетокот
на моите беспаќа.
Гласови слушам
одблизу, оддалеку;
ги препознавам
игривите
меѓу нажалени,
спокојните
меѓу страдни,
сомнежните
меѓу надежни;
сите збрани во бран
што надоаѓа од дно
на езеро исконско.
Откривам знаци
пред мои, зад мои
чекори со одек
меѓу небо и земја;
ги толкувам како
траење на живот
безмерен.