130. Веди
Веди меѓу веди среќавам
во ова брзо време на небо,
помеѓу два ветра
и помеѓу две студенини
в срце.
Тоа е зашто нема ѕвезди
што ќе осветлуваат пат
од самрак до самрак
до цел достижна дури
на крајот на животов.
Се обидувам ведите
да ги скротам со зборови,
во мраков,
па да ги успокојам мигум
на јаве или во сон.
Никако да ги убедам дека
ќе бидам ист како нив
кога ќе ги соберам во мене
за да продолжиме заедно
да надвладуваме нови
премрежија.
Продолжуваат во татнеж
што заглушува која било
песна на мојата природа.
Веди меѓу веди ме прибраа
меѓу ноќно небо ширно
и родна земја непокорна
да заиграм со нив танц
на светлина трепетна,
ѕвездена,
блиска и далечна,
со која ќе заживееме
заедно
нов свет неосвоив за оган
што крв пеплосува
помеѓу две студенини
в срце.
Го продолжуваат танцот
без мене по со мене,
со тишина која бавно,
а несопирливо ја обзема
рамнотежата
на мојата човечка природа.