103. Моите години
Колку ли минале,
та ме одминале
без утра, без ноќи;
во нечии очи
немири што редат,
и празни сенки
чекор што ми следат.
Колку ли уште
до смртта ме ближат
како суви коски
молкум што се движат;
кон врв и огин,
кон збор што ме коби.
Сѐ во нив ќе бидам,
сѐ во нив ќе најдам.
Барем само еднаш
со себе да бидам,
барем само еднаш
во спокој да зајдам.