СОЗДАТЕЛ ВО ИЗГРЕВОТ И ЗАЛЕЗОТ, XII, СЕМОЖЕН, НЕМОШЕН И НЕВОЛЕН, Немошен, поетска студија за беспаќата во човекот

Потребно време за читање: < 1 минута

85. Трепетно

Никогаш не сме
толку блиску
и толку далеку,
едновремено,
додека си како жена
возвишена
помеѓу безброј
животи на природата
што те имаат
мајка
која ги брани
од студенина
на раб на исчезнување.

Трепетно те следам,
трепетно ме следиш
во освојување
на молскавици
на модро небо
што ги фрлаат богови
дури го делат светот
пред конечно
да ги распарчаат,
да ги сосипаат
мислата, надежта
и светлината
што да не може никој
никогаш
да ги соедини.

Го потрошивме ли
нашето време
до последно семе,
огнено и скрвавено
по толку надминати
спротивставености
на молкот и зборот
од мене
и на играта и копнежот
од тебе?

Трепетно последен
наш сон
ни кажува уште колку
деноноќија
ќе слушаме гласови
и шепоти
како песна на птица која
никогаш нема да долета
во безгранична опстојба.

Да, секако, недвојбено
јас и ти никогаш не сме
толку блиску
и толку далеку,
едновремено,
додека сме на раб
на исчезнување.

Leave the first comment