80. Именуван свет
Светов што го освојувам
несомнено, упорито,
самоуверливо, деноноќно,
е обичен оти е неменлив,
оти е именувано сѐ во него,
од најмало до најголемо,
од минливо до постојано.
А не сум некој што мисли
дека може во кое било
и во чие било време
што било да преименува,
во зависност од лична
расположба, потајна потреба
недобронамерна
или неизвесна утрешнина.
Сѐ додека го освојувам
можам мојот свет
кога сакам и колку сакам
да го преименувам;
за по сите создателни
саможртви
да остане што е,
едновремено да биде
што ми треба.
Лесно преминувам
од еден во друг,
притоа сочувувајќи го
паметењето
дека сум роден
крај огниште во кое гори
неугаслив оган.