88. Сува уста
Чинам дека ѝ треба само миг
на оваа сува уста
за да го стори намисленото:
да го проголта светот
минлив во само еден збор
помеѓу воздив и издив.
Таа од раѓање многу тешко
живее лесен живот,
значи без изненади
и без никакви однапред
замислени или догледливи
цели;
и без какви било идеи
доблесни.
Чинам дека е слободна
да се надева,
еднакво да верува
дека може уште долго
сосем сува, сосем празна
како бездна,
макар пелтечејќи,
на жално, на плачно,
на ненасмеано лице
да се здравува
со секој што не прифаќа
кој било
да му го обезличува
светот;
дека го разбира
како простор и време
на светлини и темнини
еднакво оддалечени
од лични преживеалици,
еднакво блиски
со древности незаборавни.
Во оваа сува уста се раѓа
зрак што обновува
секакви треви, билки,
ѕвезди,
високи планини каменити,
врвови, бездни,
со многу војни, живи рани,
голи коски;
има песни разборити
за соживеачка
на луѓе и богови
во согласје, во добрина,
во добро, во зло,
во стварност, во заумност.
Никогаш нема да ѝ успее
да се ослободи од нас,
извишени, возвишени,
создатели громогласни.
Може само по смрт
да нѐ заборави,
време земја да ја покрие,
корен во неа да коренува.