Потребно време за читање: < 1 минута

87. Урнатини

Чекорам низ празни урнатини
на незнаен град,
во кој некогаш живееле
и сенки и луѓе
во согласност со природата,
во рамнотежа
на надежи, извесности и сништа.

Помеѓу нив слушам
гласови, шепоти,
воздишки на коски
на смртно ранети и мртви;
како конечно да им дошол
некој што сѐ уште
е доблесен сам
да продолжи кон виделина
колку догледна, толку дофатна,
без оглед на силата огнена
која запустува, која згаснува
срца и мисли, љубови и игри
на добри луѓе што растат
добрина меѓу луѓе.

Урнатиниве се празни откога
нема кој да заживее дела
помеѓу нив, еднакво во нив,
со кои се продолжува опстојот
на народ стамен
и достоен за најдлабока почит.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here