9. Гола угорница
Штотуку слегов од врвон
на голава угорница
што ја искачив во рани зори.
Можам секому во живот, 
со живот да му докажам
дека искачувањето
е секогаш многу полесно,
што значи и побрзо
одошто слегувањето;
секако најпрво затоа што 
оваа е гола угорница.
Многу е важно да се знае
дека угорницава не е 
и удолница
како секоја друга;
не само оти е гола,
туку е неповторлив
пределот под неа
од нејзината 
највисока точка:
врвови, хоризонт, 
синевина,
ведрина и тишина.
Откога знам за себе
знам дека угорницава
била гола барем за мене
и за секој со мене.
Каменита, пуста, безводна, 
бесплодна,
речиси невозможно во неа 
човек да се вкорени. 
А ете, јас штотку почнав 
баш во неа
да се вкоренувам. 
