Завек
Ќе остане некој глас,
некој знак ќе остане,
може и збор и дума
да останат од мене
завек
на крепава опстојна
и снажна;
дека е сета моја снага.
Иако не знам,
ни до смрт секако
нема да узнам
што може нешто
да е завек.
Од време ли е,
од совреме ли е,
од живот ли е
или е од заборав
недопирливо?
Што и да е, не мора
завек да се знае;
може никој никогаш
да не узнае
дека крепава
со некој мој глас,
со некој мој знак,
може и со мој збор,
може и со моја дума
да остане од мене.
Оти во неа е завек
сета моја снага.