СОВРЕМЕ, Самосвест, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

38. Ненадејно невреме

Просто е невозможно
да навали ненадејно
какво било невреме
што ќе урниса нешто
или може сѐ создадено,
сѐ создавано
како продолжение
на опстој и жизненост.

Но ете, навали ова
досега од малкумина
знајно,
може од никого,
токму ненадејно:
со татнеж, со црнила,
бессоно, бесмислено,
мрачно, секавично,
безоблично, неверно.

Можно ли е
во вакво ненадејно
невреме
некој да се прибере
во засолн,
па да излезе на бел ден,
на сончевина
дури откога ќе минат,
ќе исчезнат по него
сите страшилишта
на очајот?

Leave the first comment