СОВРЕМЕ, Самосвест, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

51. Најпрвин

Се роди, загрме ненадејно
незнаен збор преполн
со согласки, слогови и знаци
кои содржат секакви возбуди,
на кој секакви значења
не му значат ништо,
ниту можат да го условат
неговото постоење како игра
на слободата на духот,
на изворот негов несеклив
во сѐ уште од никого
недопрена природа човечка.

Луѓе во тишина го пуштија
да започне проста нȇма песна
благозвучна,
а притоа да не се осамостои
за други зборови да раѓа
и загрмува.

Ја започна, но не ја продолжи
оти му се виде бескрвна,
преполна со недоречености,
со бесмислености,
без никаков ритам и нагласка
на што-годе во неа.

Совреме сите го заборавија
фрлен во темен агол на говор
со страст и сновиденија.

Најпрвин се роди, загрме
крв пред оган на небо,
како да ќе согори мигум
сѐ што заодува во чие било
време меѓу два воздива,
минливо, неповратно, сматно,
а потоа мигум најпрвин
надојде пустелија мразна,
безволна, безизлезна,
во која ништо не може
да заживее за да живее.

Незнаен збор и крв
пред оган на небо.

Leave the first comment