50. Согледувам конечно
Согледувам конечно
дека немам
којзнае колку дела
завештани
на моите непрегорни
предци и потомци.
Согледувам конечно
дека сите што успеав
да ги завршам,
што ги оставам
да продолжат сами,
не само без мене,
ами и без оние
пред нив и по нив,
имаат во себе
мој непоразен молк
за секој
што ќе се обиде
да ги отвори
и да ги продолжи
за со нив да стаса
на своја цел.
Согледувам конечно
дека залудно
се обидував во нив
да оставам трага
во самоста, во зборот,
во тишината
од мојата доследна
и беспоштедна борба
за одбрана
на опстојот вековит.