СОВРЕМЕ, Самосвесност, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

53. Обзнанувам

Моето исчезнување
како ветар, како молња,
во тишина можеби,
во незнајна празнина,
отсекогаш било,
секогаш е
и засекогаш ќе биде
мигновено,
помеѓу воздив и издив,
од сон во длабока ноќ
до камена студенина,
до будење во рани зори
како зрак сончевина.

Обзнанувам дека токму
во овој миг
станувам, се исправам,
во далечина догледувам
на мојот хоризонт
сенка која
ту се издолжува,
ту се собира во себе,
ту се доближува,
ту се одалечува од мене;
додека сум
меѓу земја и небо,
пред немост на збор
што го пронајдов
во исконски запис
за родени и мртви.

Едно од моите
мигновени исчезнувања
сосе делата и потрагите
по недокажаните
и недопеани предели
на суштестувањето,
пред да го изгорат,
да го пеплосаат
зломислени и зловесни
конечно
мојот идентитет.
 

Leave the first comment