21. Виѓавање
Се виѓававме катаден
на каменит брег на наша река
што извира незнајно каде,
а се влева во море
од возбуди и восхити,
недосегливо, недосонувано.
Се виѓаваме
по којзнае колку години
со секакви
собрани и насобрани
случајности
од луѓе кои никогаш
не биле со нас
во време запрено,
мигум заробено
од наш спокој,
наша ведрина
и наше откривање
на наша сончевина.
Не се виѓаваме веќе
обајцата во години
кои брзо, та пребрзо
нѐ чекорат
кон конечно исчезнување,
кон конечно преселување
до почетокот
на гаснење на огнот
во крвта, во коските,
до крајот
на љубов со нов живот
неизгорлив и неизречлив.