Сонувајќи, вообичаено откога сè повеќе им се препушта на спомените, тој има заклучено дека стварноста сè повеќе се спротивставува на неговото постоење во минато време. Во сегашноста, пак, таа стварност е сè помалку негова, а сè повеќе е на ближни и далечни кои одамна не се живи. Многумина од нив се починати прерано, уште во рана младост. Можеби токму тие се главна причина за проблематичноста на стварноста и спротивставеноста на неговото постоење.
Сонувајќи, тој исто така веќе има заклучено дека од неодамна сè почесто се буди рано пред зори, два-три часа по полноќ. Не разбира зошто така. Уште успева некако да се справи со тоа, да одмори од навалицата на ниедно време во првите два-три часа од новиот ден. Она што го загрижува најмногу: сè повеќе од неговите соништа немаат ни почеток ни крај, а многу од нив се слеваат еден во друг, создавајќи стварност што го загрижув со своевидната какофонија.
Сонувајќи, во последно време тој забележува дека еден негов сон се повторува почесто од сите други. Тоа само по себе значи дека стварноста сè посилно се спротивставува на неговото постоење во минато време.
Сонот:
Заедно со неколкумина ближни и далечни гради куќа, некогаш е изградена, која нема прозорци и врати, а во неа се влегува и од неа се излегува низ подземни тунели под нејзиниот темел. Стварноста е секојдневје исполнето со секакви игри на млади, стари, на млади и стари, а неговото постоење во минато време најчесто се прикажува меѓу еддни и други животи пред смрт.
Сонувајќи, тој уште се надева дека ќе успее скоро одново да ја воспостави својата внатрешна рамнотежа. Што значи дека во куќата на неговите предци и потомци, која одолева на секакви невремиња токму благодарение на темелот сосе подземните тунели под него, има место и за него.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 41