6.
Македон често истакнува дека е син на Ма, постарата ќерка на Сонцева, и на Иле. Знае многу за неа, па мајка му Ѕвездана ја поистоветува со неа. Особено кога со восхит раскажува за нејзината љубов спрема рожбата и секидневната борба таа да остане збрана околу домашното огниште, а веќе раселената да не се заборава без трага. Како Ма, и таа ја бранела светлината во рамновесие со темнината, му ги отворала вратите и прозорците на сонцето од изгрев до залез, го внeсувала во срцата и дишењата на ближните спокојот на ноќта, ѕвездите и месечината од квечер до зорење на зората. Ги хранела, напојувала, ги одгледувала, растела, споделувала со нив радости и таги, соништа и јаве. Со нив доживувала и надминувала секакви премрежија, совладувала недоброј неизвесности.
И таа како Ма многу ги сакала цвеќињата. И во домот и околу него отсекогаш имало безброј, секакви, а тој не памети дека некое некогаш овенало или се исушило.
И татко му Љубен му е близок до Иле. И тој, како Иле Ма, многу ја сакал Ѕвездана, од вљубувањето до смртта. Некои од оние што го живееле неговото време му кажуваа дека за него често велеле оти „зрачи како сонце“, мислејќи најнапред на неговата добрина и човештината. Некои го викале Иле благадуша. Македон најмногу говори за нежноста на Љубен што ја искажувал и покажувал спрема мајка му Ѕвездана. Постојано ѝ се обраќал со „Моја Ма“, а не се воздржувал пред ближните да ја прегрне, да ѝ го помилува лицето и да ја бакне. Нема доволно зборови да ја докаже и неговата грижа за семејството, да им посветува колку што може од неговото време. Да игра со нив, да им дава знаење и да им го пренесува своето стекнато животно искуство.
А најмногу од сѐ бил и е восхитен од работливоста на Љубен. И сега не може да разбере од каде толку голема енергија во него, таква неуморност. Од утро до длабоко во ноќта, со меѓучасовни одмори и дружба со рожбата. На нива, на поле, со добитокот, правење и поправка на покуќнина од ореово дрво (голем мајстор), зацврстување, потпирање и чистење на живеалиштето-покривот на куќата и одаите во неа, плевната и заградените простори во дворот.
Но, Македон не пропушта да забележи нешто во него за што има свое објаснување: дури е сонце, од изгрев до залез, изгледал како да ќе полета во секој момент и како да би можел да скока радосен од еден до друг рид, од еден до друг брег, од една до друга планина. Од доцна есен до рана пролет, од квечер до ниедно време, до легнување во постела се успокојувал најчесто седнат на триножно столче крај огнот во огништето; од рана пролет до доцна есен најмногу време од слободното седел во ладовина, под стариот даб во дворот. Неговото објаснување како убедување е: како што била и колку била Ѕвездана Ма, исто бил и толку бил Љубен Иле.
Многу му недостасуваат.
Им збори насмеан на синот Дон, веќе шеснаесетгодишно момче, и на ќерката Роза, четиринаесетгодишна:
-Знаете, сум ви раскажувал колку Иле, богот на Сонцето, бил вљубен во божицата Ма, а и за нивната рожба Македон. И јас сум Македон, нели? Ист како него!
Им збори сериозно:
-Знаете, Иле е бог односно симбол на сонцето, а Ма божица односно симбол на цвеќето. Токму така сите древни македонски владетели ги имаат претставени на своите штитови, ист како нашиот-со сонце и роза на средината. А некои учени заклучуваат дека со нив е непосредно поврзано името Македонија-Земја на божицата Мајка, на Сонцето и цеќето: Маке-мајка, Дон-Господ, Ија-земја. Разбрав и дека главно култно место на богот Иле бил храм на планината Олимп, кој се наоѓал на нејзината северна страна, во кој македонските владетели приредувале Олимписки игри. Главно култно место на Големата мајка, пак, бил храм на источната страна на Родопските Планини, на местото Хипер-Икон. Го спомнува Хомер во своите епови „Илијада“ и „Одисеја“, за време на војната во Илион односно Тројанската војна. Наводно, на тоа место дошол Александар пред походот против Персијците, а свештениците му прорекле дека ќе извојува победа и ќе го освои светот.
Ѝ збори на Ксантиja замислено:
-Откако ги прочитав резултатите од истражувањето на македонскиот професор Аристотел Тентов, мораш да ги прочиташ и ти, мораме што поскоро да го посетиме локалитетот-свето место во селото Црнилиште, близу до градот Свети Николе, во Македонија. Тој од древни времиња бил посветен на Божицата мајка Ма, на Богот на Сонцето Ѕе (Иле) и на нивниот син Македон.
Тој тврди дека под геоглифот што е многу видлив од високо има огромен комплекс со површина од сто по седумдесет метри, составен од три простории-една помала и две поголеми, со димензии од околу 18 метри ширина и 11 метри должина. Пред нив има голем елипсоиден ходник. Интересно е дека на средината минува река што се двои на два дела, како гејзир или фонтана, од што извлекува заклучок дека станува збор за ритуално, култно место; затоа што важни објекти и градови биле градени во близина на извори со жива вода.
Тој направил и 3Д-скици имајќи ги предвид резултатите од електромагнетното и акустичното истражување на локалитетот што го вршеле меѓународни експерти. Смета дека се гробници на македонските божества-Ѕе (Иле), Ма и Македон.
Според мене, од особено значење е неговото сознание дека сите симболи се од демотско писмо, како писмото на Каменот од Розета. Големата испрекршена стрелка, во вид на ровови на врвот на геоглифот, еднаш во годината-на 22. јули, на роденденот на Александар Македонски, се пресликува со небесната слика на соѕвездието Касиопеја. Смета дека е тоа уште еден показател оти станува збор за многу значаен сакрален објект.
Се согласуваат.