12.
Македон ги памети како аманет, постојано ги повторува, во него постојано одекнуваат претсмртните зборови на Сонцева за жаровито црвеното парче лорандит со кое успеа скришно да се здобие. Сонцевата крв. Да го чува, да го варди, да не го изгуби, да не дозволи никој да му го одземе:
„Знам дека знаеш за неговата животворна и вековита моќ. Како зрак сончевина, како извор на вдахновение. Сакам да ти откријам кога и како е таа моќ најголема. Кога најцврсто ќе чекориш по патот на самодокажувањето, извишувањето, на затврдувањето на твојата самобитност; од кога ќе создаваш, ќе градиш, ќе надградуваш; и како ќе им оставиш на потомците многу непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење“.
Најдобриот стар ковач му изработи штит со шеснаесетзрачно сонце и розета во центарот, ист како штитот на Александар, а во неа го стави лорандитот. Во меѓувреме, кусо време по смртта на Сонцева, Македон ја разабра симболиката на сончевата розета кај античките Македонци,особено оние што живееле по средното течение на Вардар, во некогашна Пајонија. Таа е еден од најчестите симболи чиј најран пронајден приказ е на една бронзена дијадема од 9. в. пр.н.е. во некрополата во Кутлеш, денешна Вергина. Како дел од култот на Сонцето, неретко придружуван со ѕвезди или полумесечина, ја докажува бесмртноста односно вечното раѓање, а едновремено дава моќ и верба во победа против непријател или во освојувачки походи.
Дали Македон со штитот ја гледа и ја чувствува моќта на Сонцевата крв, со нејзината светлина, енергија, дејственост и хармонија? И, поврзувајќи ги со него симболиката и значењето на круговите, сино-виолетовата розета, осумте помали и осумте поголеми зраци, знае што и како потаму со системот на четирите темели-енергијата, земјата, човекот и волјата?
Не му помогнаа последните неколку посети во пролет и лето, заедно со неговата Ксантиjа, синот Дон и ќерката Роза, на Црвената и Зелената долина. Неколкутемина старци на Мајден му објаснија, а памети дека понекогаш и Сонцева му раскажувала, дека водата што извира во Црвената долина и тече низ неа е секогаш црвена. „Како да е крв. Знам една скаска за еден сточар, чувар на добиток кој секој ден го водел на паша крај изворот. Одвреме-навреме до самоти него колел добиче, па по време бистрата вода се престорила во крв“, му кажа еден што заборавил која година се родил. Несомнено е дека почвата е црвена оти е преполна со минерали. Во почвата на Зелената долина, пак, всушност рид кој мештаните го викаат Билје, има големи количества арсен, а расте карактеристична темјанушка, виола алшарика, која е светска реткост. Како и жолтите карпи во чии отвори живеат животинки слични на човековата рипка што се среќава во длабоки пештери. Ја чу и приказната за еден стар сточар од околното село Витолиште кој ги донел своите овци да пасат во неа и сите се отруле.
Некаде прочита дека се спорни легендите за врската на Сонцева крв со Александар Македонски, но тие не го оптоваруваат со сомненија. За него е доволна дефиницијата дека легендата е наратив на човекови дејствија кои претставуваат дел од човековата историја и содржат одредена поука. Дури е сѐ повеќе убеден во онаа дека тој прв ја открил неговата моќ и неговата фаланга ги премачкувала своите штитови со него. Битките ги водел точно напладне и со движење на војската од запад кон исток се јавувал силен одблесок од нив кој ја заслепувал противничката војска. Се разбира, тоа нема врска со неговите воени успеси, тие се пред што било друго дело на умноста, стратегијата, јунаштината и херојското предводништво. За него е спорно тврдењето дека Античките Македонци не знаеле за лорандиот, а користеле некој друг минерал. Напротив, знаеле за него, но со некое друго име. А и во тоа време се ваделе други руди и минерали. Невозможно е да не се знаело за Зелената долина и да немало чести труења на мештаните и на оние што копале.
Впрочем, затврдено е дека во рудникот има околу 20 тони злато, а многу позначајно е дека во околу 250.000 тони руда има 2 процента арсен, 2,5 проценти антимон и 0,1 процент талиум кој се користи за вселенски истражувања и во телекомуникациските технологии. Од 32 минерала на талиум дури 17 ги има само во Алшар.
Македон има сознанија, но засега многу повеќе чувствува дека за одговорот што и како потаму со системот на четирите темели-енергијата, земјата, човекот и волјата, може да му помогне научната потврда за лорандиот: во одредени ситуации тој испушта огромно количество енергија што во иднина би можела да биде соодветна замена за нуклеарната. Пред сѐ најновите сознанија за него како детектор на неутриното. Ако тоа се издвои од талиумот, ќе може да се разбие процесот со кој се генерира енергијата на сонцето. Што, пак, ќе овозможи изградба на „мали сонца“, многу помоќни и еколошки побезбедни од атомските централи.
Веќе подолго време го измачува можната врска, не само симболичка, на розетата и Каменот од Розета. Особено средниот текст напишан на демотско писмо. Нема ништо случајно во светот и животот, па ни неговото име според местото кај што е пронајден-Розета односно Ел-Рашид на арапски јазик. Најнапред, указот издаден од свештениците за величање на фараонот Птоломеј V Епифан Евхаристос, припадник на династијата Птолемеиди, инаку напишан со хиероглифи, демотско и старогрчко писмо, докажува дека тие биле Македонци од семејната лоза на Птоломеј Сотир, генерал на Александар Македонски по чија смрт се населил и завладеал со Египет. Еднакво откривањето на врските со современиот македонски јазик, поточно архаизми од дијалекти и зборови со денешно значење и граматички правила. Што не потврдува само дека токму средниот текст е оригиналот, туку и оти тој е напишан на јазикот на Античките Македонци, на „живите господари“. Тоа значи дека биле официјален јазик и писмо на Египет.
Врз Македон пак навалија спомените на мајка му Ѕвездана, како Ма, и на татко му Љубен, како Иле. Нејзината љубов спрема рожбата и секидневната борба таа да остане збрана околу домашното огниште, а веќе раселената да не се заборава без трага; нејзината одбрана на светлината во рамновесие со темнината, на сонцето, на спокојот на ноќта, ѕвездите и месечината. Татко му, кого го викале Иле благадуша, му е пред очи. Со неговата човештина и добрина „зрачи како сонце“. Често се прашува дали и тој како него успева да ги покаже и искаже нежноста спрема Ксантија, грижата за синот и ќерката; да игра со нив, да им дава знаење и да им го пренесува своето стекнато животно искуство.
Кога го концентрира своето внимание на розетата, сончевите зраци и Сонцевата крв, како сега, Македон чувствува дека е неизбежно повеќе да им се посвети на Иле или Ѕе, богот на Сонцето, Божицата мајка Ма и нивниот син Македон.