СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Потребно време за читање: 3 минути

9.

Во младоста Сонцева имала многу љубови, но само неколку не ѝ биле како игри и блискости. Што ѝ оставиле трајни лузни на срцето и душата. Од нив една доживеана на четириесет и две и една на педесет и седум години ѝ останале непреболени, иако нема рожба од нив.

На четириесет и две години Сонцева останала сосем сама во нејзиниот свет и нејзиното време, на левиот брег на Длабоката река. Таа го дели Големиот град на два идентични дела и според урбанистичката структура и според животната содржина, а се поврзани со неколку камени и железни мостови. На левиот брег купила приземна куќа во населбата Коренов живот; со мал цветен двор и овоштарник на источната страна. Била сосем сама и покрај гледањето, вниманието и грижата на ближните: на браќата Бриг, Сон и Сокол, на најстарата сестра Божана, постарата Лена и најмладата Тодора; на синовите на Бриг, Гаврил и Марко, и ќерката Мира, како и на Соновите Трајан, Стефан, Војдан, Изгора и Каја; на ќерката на Божана, Тема, и синот Габер, на ќерките на нејзината постара сестра Лена, Сирма и Вела и нејзините синови Јордан, Строгон и Угор; а разбирливо и очекувано пред сите на нејзините синови Астрал, Извор и Темелин, и на ќерките Ѕвездана (Ма), Искреа и Огнена. Помеѓу сите се изделувале Ма, нејзиниот Иле, нивниот син Македон, неговата Ксантиjа и нивните деца Дон и Роза.

На четириесет и две години Сонцева била сосем сама во нејзиниот свет и нејзиното време. А еден неделен ден шетајќи по кејот се разминала со Михаил. Ѝ заиграло срцето, подзастанала, се свртела. Почувствувала дека и од него иде близост. Се свртел, се загледал во нејзината убавина. Се запознале, ѝ понудил да поседат на клупа, да поприкажат, да се запознаат меѓусебно. По таа прва случајна средба следеле други, сѐ почести. Почнале заедно да одат по нејзиниот и патот на нејзините предци. Патот што Сонцева им го покажа на потомците собрани околу нејзината претсмртна постела-на самодокажување, извишување, на затврдување на самобитноста. Создавајќи, градејќи, надградувајќи, оставајќи им на потомците непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење.

Раѓањето на една од двете љубови што ѝ останале непреболени, што ѝ оставиле трајни лузни на срцето и душата, со Михаил, Сонцева најнапред го споделила со ќерка ѝ Ма

„-Ма, поминаа доволно и долги години, цели единаесет, откога она утро ненадејно, без предвестување нѐ напушти Светол; мене, тебе, Искра, Астрал и Извор. Од никого од нас заборавен, засекогаш во нашите срца. И Темелин и Огнена му се благодарни што ги имаше како свои, ги сакаше со иста сила, внимание и грижа…Ќе продолжев уште којзнае колку сама во оваа моја куќа, во овој мој и наш дом, ако не се сретнев, не знам дали случајно или намерно, со Михаил. И ако случајно или намерно помеѓу нас не се роди единствена љубов, каква што досега не сум доживеала.

-Тоа многу ме радува, мамо.

-Знам, ќерко. Затоа ти си прва на која ѝ ја откривам, божице моја…Решивме да живееме заедно, да имаме наше време, да споделуваме заедничко…Сега нема да ти раскажувам за оваа моја нова љубов, ќе го оставам тоа за другпат. Сакам да ти кажам од него нешто за мене, а мислам и за тебе. Не баш знајно, а многу интересно. Во врска е со твоето име. Михаил разбрал, открил и осознал, најмногу користејќи ги истражувањата на Доктор Наде Проева и Доктор Илија Чашуле, дека Ма е алтернативно име на трачко-бригиската божица Земеле-Мајка на земјата, во словенските јазици име на почва, хумус. Меѓу варијантите се и Земла и Зиемила. Древна Македонија била поделена на Горна и Долна, а едно од најстарите имиња за неа е Ематија. Од народната етимологија, пак, името е поврзано со мака. Го потенцира бригиското потекло кое не го поврзува само со бригискиот јазик и неговото заедништво со старомакедонскиот.

-Не разбирам што има тоа врска со вашата љубов!

-Ќе ти докажам…Со него за првпат ги почувствував и ги доживеав двата од четирите темели на нашиот систем на постоење и опстојување-енергијата и земјата. Енергијата на животот и земјата на нашето вкоренување. Кога му го признав тоа и откога ги запозна Искра, Астрал, Извор, Темелин и Огнена, ти му се прикажа како што те замислил: продолжителка на рожбата и на непорекливоста на нејзиниот идентитет. Му стана прва инспирација за потврда дека древноста е невозможно да се спори оти е постојано во содесјтво со сегашнината и вонвременското вкоренување.

-Сакаш да кажеш дека ти и твојот Михаил сте во посебна, досега неслучена, неповторливо димензионирана љубовна врска? Во која јас и моите браќа и сестри имаме многу повеќе од рожбена поврзаност?

-Веќе кажав, мила. И има уште многу за кажување“.

Михаил бил четири години постар од Сонцева. Таа му била вистинска љубов во животот, прва по најпрвата со Светол.

Leave the first comment