4.
Македон со Ксантиjа се сретнал пред триесет и осум години. Тоа се случило при едно искачување на Кожуф и освојување на неговиот врв Зелен брег, висок 2.171 метар. Се зближиле, се засакале до занес и се неразделни до ден-денес. Во бракот ги изродија, ги растат и созреваат со нив синот Дон и ќерката Роза.
Единствена е нивната љубов. Божествена. За оние што ја знаат, пред кои се покажала сосем таа е неискажлива. Едноставно, не можела да не се роди, да не се случи токму таква-занесна. Нема врска тоа што се обајцата страсни планинари, одделно или заедно ги искачиле сите поголеми планини и ги освоиле сите големи врвови во Македонија. Одделно и заедно ја искачиле водената планина-планината Рила, во Бугарија; го освоиле врвот Мусала, највисокиот на Балканот, со 2.925 метри. Планираат скоро пак да го искачат, пак да се восхитуваат на ледничките езера со неверојатни сина и темнозелена боја, да поминат цел ден на Леденото езеро и да го гледаат чудесниот танц на облаците и ветрот.
Македон и Ксантиjа ја почувствуваа близоста како оган што полека се распламтува и им ги сплотува здивовите уште при првото искачување на Кожуф, при собирањето снага за продолжение на седлото Орлов вис, а кон врвовите Коњска глава, Дудица и седлото Порта. Имаа доволно заедничко време до Зелен брег, а и по него, спуштајќи се кон седлото Марково езеро. Тој без заобиколување и најмала воздршка ѝ рече дека нејзината убавина, инаку вопшто непроменета до денес, совршено се вклопува во хармонијата на пределот пред нив и оти толку се вљубил што отсега ни мигум не може да се замисли себеси без неа. Таа само се изнасмеа („ниедна жена не се смее толку слатко“), се затрча, полета над ливада, па меѓу „голите луѓе“-дрвјата со црвена и лушпеста кора, нежна како човечката кожа, и исчезна од неговиот поглед.
Таа нивна прва љубовна игра меѓу расцутените дрвја, билките и цвеќињата, која сѐ што допрела претворала во големо плодородие, завршила откако Македон ја пронашол сокриена зад стените на изворот на реката Дошница, под Зелен брег. Ја искитил со разни цвеќиња, со црвено-бели мартинки и сончеви зраци и ја воспеал нејзината стројна снага.
-Баш си како Македон во приказните за него како бог,-му рече Ксантиjа без заобиколување и најмала воздршка.-Висок, строен, светол, моќен и лиричен.
Се изнасмеа „слатко“, па продолжи:
-Јавнат на коњ те замислувам како ангелите во небесните одреди што ги имам видено на многу фрески. Од легендите што ги имам прочитано или чуено за него, гледајќи те ми иде онаа за Македон како син на египетскиот бог Озирис. Сигурно ја знаеш. Тој ѝ го препуштил кралството на Изида и заедно со двата сина Македон и Анубис тргнал да го освојува светот. Во Тракија го убил кралот Ликург, а Македон го прогласил за крал и го оставил да владее во оваа земја која според неговото име е наречена Македонија.
А Македон:
-Само љубовта како нашава го брани трајното од постојното и го менува минливото од секојдневното. Нѐ брани од безначајното. Затоа што е единствена, божествена, неискажлива. Занесна.
По којзнае кој пат на почеток на нова пролет се на врвот Зелен брег. Загледани во далечините со озарени лица.
Македон:
-Сакам да те потсетам на нешто што не сум го ни спомнал пред никого оти не сум можел да го поврзам со никоја. Да, со никоја, не со никој. Непосредно е поврзано со твоето име. Секако не случајно. Мислам на празникот Ксантика, празникот над празниците; заеднички, на народот, царевите и боговите. Во античко време се одржувал на пролет, во месецот Ксант односно март.
Како што ги опишуваат некои учени:
Македонците се збирале на плоштадите, во театрите и светилиштата. Се буделе во рани зори, оделе по патиштата во пресрет на пролетта; весели, искитени со црвено-бели мартинки и разно цвеќе. За да учествуваат во веселбата, пеењето и играњето ора, натпреварите, пиењето, рецитирањето. За среќа, љубов, род и рожба. Така наречен празник според убавата Ксантиjа, според тебе.
Ксантиjа:
-Те обожувам, мил мој Македон. Јас сакам да ти обрнам внимание на содржината и симболиката на ората кои и денес го потврдуваат македонскиот идентитет. Ората во круг го потврдуваат култот кон сонцето, сончевиот диск, сосе ритуалите на празнување. И штитот, круг на сонцето украсен со стилизирани сонца. Од античките писатели се запишани две познати ора: едното оро наречено Карпеа, кое симболизира кражба на волови, опишано е во Хомеровата „Илијада“; другото оро е Телесија и претставува воена игра со мечеви; слично е со комитското.
Македон, Ксантиjа, нивниот син Дон и нивната ќерка Роза ги искачуваат македонските планини и ги освојуваат нивните врвови во секое годишно доба затоа што се вљубени во нив.