СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Потребно време за читање: 5 минути

33.

Кои од рожбата на Сонцева крв знаат за втората прва љубов по најпрвата со Светол? На кои им ја раскажала, кому му се исповедала за неа? Можеби само на еден, на една? Можеби знаат сите, и живи и мртви, всушност сите живи откога таа почина? Да не ѝ останала тајна? А и друго: повеќето од нејзините, според роднинските врски сите се многудетни и е просто невозможно каква било тајна откриена на еден или на една да не се пренесе на друг, на други, и тоа со светлосна брзина. (Сонцева?) Кому му ја раскажала? Сигурно го сторила тоа зашто, како љубовта со Михаил на четириесет и две, и љубовта со Цветин што ја доживеала на педесет и седум години ѝ оставила трајни лузни на срцето и душата. Непреболена.

Не им ја откри, ја сочува како таена пред браќата Бриг, Сон и Сокол, најстарата сестра Божана, постарата Лена и најмладата Тодора; пред синовите на Бриг, Гаврил и Марко, и ќерката Мира, како и пред Соновите Трајан, Стефан, Војдан, Изгора и Каја. Исто и пред ќерката на Божана, Тема, и синот Габер, ќерките на нејзината постара сестра Лена, Сирма и Вела и нејзините синови Јордан, Строгон и Угор. Ја сокри, ја сочува пред нејзините синови Астрал, Извор и Темелин, ќерките Ѕвездана (Ма), нејзиниот Иле, нивниот син Македон, неговата Кссантија и нивните деца Дон и Роза; секако и пред Искра и Огнена. Значи ја сокри од сите, таена ја однесе в гроб?!

Не ја сочува пред парчето лорандит со кое Македон успеа да се здобие скришно. Жаровито црвениот. Што го нарече Сонцева крв. Со неговата животворна и вековита моќ. Како зрак сончевина, извор на вдахновение. Со моќ да создава, да гради и надградува многу непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење. На штитот со шеснаесетзрачно сонце, розета во центарот и лорандитот во неа. Штитот на Александар.

Дојде една ноќ во неговото живеалиште, во неговиот сон. Го зеде в раце, го помилува и со шепот почна да му се исповеда:

-Александар, љубов моја единствена, возвишена, најдлабока. Пред тебе ништо никогаш немам сокриено. Сѐ знаеш, сѐ низ што сум минала. Го знаеш сиот мој живот. Сиот наш живот за кој никој од мојата рожба не знае…Решив само тебе да ти ја откријам мојата последна тајна во љубовта; мојата втора прва љубов по најпрвата со Светол. Непреболена, што ми остави трајни лузни на срцето и душата. Зошто баш тебе? Едноставно, затоа што нашата љубов е неугаслива, вечна. Нели?

Александар III Македонски ѝ се насмевна како да потврдува. Во сонот Македон како да забележа загадочна мигновена светлина што му заличи на насмевка. Ја забележа и на Сонцева, но не разбираеше, не можеше да разбере што ја предизвика. Шепотот на Сонцева немаше никаква врска со него, па не требаше ни да го забележи ни да го почувствува.

Сонцева почна да му раскажува за Цветин:

-Со него се знаевме одамна, мислам девет години пред да ни почне љубовта. Тој имаше педесет и една година без два месеца, а јас четириесет и осум…Да, пред девет години се сретнавме првпат во Античкиот музеј, на една изложба на артефакти пронајдени на археолошкиот локалитет Исар, во валандовското село Марвинци. Таа беше организирана во Големиот град со оглед на големиот интерес по тврдењето на некои археолози дека токму таму ти се наоѓа гробот, Александре мој. (Ти ветив дека тоа од мене нема да го дознае никој.) Ми паднаа в очи неговата висока исправена става, ќелавата глава, белите мустаци и густата бела брада. Артефактите ги гледаше со големо внимание, бано минувајќи од една на друга стаклена витрина. Кога застана пред големата мапа на наоѓалиштето му пријдов незабележливо и го прашав:

„Многу знаете за Исар?“.

Ме изнагледа од глава до петици:

„Па, мислам….Се наоѓа близу до селото, југозападно, а од ритчето кај што се наоѓа се гледаат Валандовската котлина и долината на реката Вардар. Содржи акропол, римски град, каструм и некропола…Од изложеново, керамиката е главно од постарото железно доба, амфорите се од класичната епоха до доцниот хеленизам, а хеленистичките монети говорат за нераскинливитге врски со соседните културни и трговски центри Пела, Бероја, Тесалоника и Амфиполис. Накитот потекнува од златрските работилници во регионот“.

Го прашав:

„Вие сте археолог?“

Ми одговори:

„Не. Јас сум менаџер за човечки ресурси во телекомуникациската компанија „Зар“. А Вие?“

Јас:

„Што јас?“

Тој:

„Од каде Вашиот интерес за археолошки артефакти, за Исар?“

Јас:

„Јас…Онака…Љубопитство…По професија сум електроинженер. Работам во компанијата за производство на фотонапонски панели „Фотоволт“, а сум специјализирана за планирање на фотонапонските соларни инсталации и нивната излезна моќност“.

Нели чудно, Александре мој? Запознавање на две души со различни, дури крајно спротивни професионални и работни ориентации, во необично место и на необичен начин. Доказ дека различностите создаваат најцврсти врски меѓу луѓето, а љубовта е неизмерна и длабока. Да, љубовта со Цветин ми е втората прва љубов по најпрвата со Светол.

Цветин продолжи:

„Рударството е неминовно на овие терени поради рудните лежишта. Се јавува во хеленизмот. Разнородноста на глината овозможила да се развие грнчарството, особено во римскиот период. Нов процут градовите во Македонија, и Исар, доживуваат по покорувањето од страна на Римјаните, сѐ до времето на Август.

Исар е расзположен на повеќе тераси. Веќе во првиот век тој е полис, а бил организиран на грчко-македонски начин. Развивањето во културно средиште го потврдуваат мермерните статуи, релјефите и надгробните споменици со портретни претстави.

Кон средината на третиот век, археолозите тврдат во времето на готската наезда од 268. година, градот настрадал, но повторно се обновил особено за време на владеењето на Диоклецијан. Изѕидани се бедеми во кои се вградувани споменици и блокови од архитектонска декоративна пластика како градежен материјал. Подоцна овој каструм бил користен како простор за движење“.

Јас:

„Солидно знаење за еден љубопитник“.

Тој само се насмевна и покажа кон аголот во форма на гробница, а пред него табличка со годината 2008.:

„Ова е од последните откритија. Станува збор за богата гробница со шест цели керамички урни и редок гроб во кој покојникот бил закопан во бронзена урна. Откриена е и стилизирана бронзена глава на Силен односно Пан; со кадрава брада, намуртени веѓи, лозов венец околу косата. Заедно со бронзенава глава на коњ и златниве релјефно декорирани листови на градите на покојникот, златниве обетки, керамичкиве садови и теракотниве фигури“.

Заедно ја напуштивме изложбата и се разделивме преед влезот на музејот.

Цели девет години се среќававме одвреме-навреме. Најпрвин еднаш-двапати годишно, случајно, на улица, на некој културен настан, во Националната библиотека. Во последните две од тие девет сѐ почесто бевме заедно и сѐ подетално меѓусебно се запознававме. Стануваме сѐ поблиски и поискрени. Случајно или намерно постапно го запознавав со мојата рожба, тој мене со синот Стојмир и ќерката Стана од бракот со Вера која му починала пред десет години. Оттогаш живее сам. Син му и ќерка му си имаат свои животи и семејства, но на него не забораваат. Го посетуваат најмалку двапати неделно.

Можеш да замислиш, Александре мој, да почне љубов по цели девет години познанство? И тоа моја втора прва по најпрвата. Не треба да ме прашуваш, ќе ти кажам. Јас и Цветин не можевме еден без друг дење-ноќе, а последните денови секој час, секој миг…крај неговата смртна постела…по шест години заедно.

Каква љубов на тие наши години, обајцата во години…јас во шестата, а тој во седмата деценија? Многу емотивна, нежна, непорочна, чиста, длабока…Имавме секс само двапати…огнен…Блескотен.

Во сонот како стварност, како заумен свет, Македон за миг ги здогледа прегрнати Сонцева крв и Александар III Македонски како влегуваат во рударското окно. Во жаровитиот црвен лорандит среде розетата на штитот со шеснаесетзрачно сонце. Ја здогледа Сонцева каква што ја познава, но не и каков што го познава Александар. Тој му се виде висок, стамен, со стројно и грамадно тело. Како изделкан од бела стена.

Leave the first comment