13.
Сонцева му ја раскажа на Магнет, внук ѝ, брат му на Македон, нејзината прва љубов, што успеала некако да ја преболи, но ѝ оставила исто така трајни лузни на срцето и душата-со Светол, татко ѝ на Ма, кој ги напуштил ненадејно. Од неколкугодишното заедничко работење во компанијата за производство на фотонапонски панели „Фотоволт“, во усовршувањето на фотоволтаичните панели, па до секидневните разговори за сѐ и сешто, дури за лични, крајно интимни состојби и дилеми, соништа, замисли, надежи, мигновени расположби; па случајни и намерни трепетни допири на телата, прегратки, возбуди; радости, восхити и восклици по најмали заеднички деловни и лични успеси; сѐ до осаменост, вознемиреност, меѓусебна грижа кога не се заедно.
Зошто му ја раскажа токму на Магнет? Зашто ѝ беше најпрва? Зошто не на некој од синовите на брат ѝ Бриг, Гаврил и Марко, или на неговата ќерка Мира; на некое од децата на Сон, на сестрите Божана и Лена или на некое од нивните деца? А пред сѐ на кого било од синовите Астрал, Извор и Темелин или од ќерките Ѕвездана, Искра и Огнена? Можеби дека тој и Македон се многу слични, речиси исти, како близнаци, а не се? Знае од каде му иде името, поврзаноста со маг и магија што многу често ја истакнувала кога расправала со кого било за електромагнетите и нивните привлечни, магични својства; во поширока и најширока смисла името на татковината Македонија што значи и чудесна и величествена земја. Можеби најважно од сѐ: од сите ближни, со Магнет Сонцева отсекогаш била без никаква воздршка кога чувствувала потреба да сподели нешто од своето интимно минато, особено кога е збор за љубовното.
Сонцева му раскажа на внук ѝ Магнет:
„Светол беше мошне убав и привлечен човек. Ставит, стамен, самосвесен. Емотивен, сочувствителен, простосрдечен, со блиски искрен, човечен. Љубовта ни се роди многу брзо, речиси несетно, а нашата прва рожба Астрал е од нашата прва страсна брачна ноќ. За зближувањето и споделувањето на интимноста секако припомогна тоа што имавме иста област на учење и усовршување, бевме посветени на иста проблематика, но би рекла многу повеќе различниоста, па и спротивставеноста на нашите карактери.
Знаењата и сознанијата за соларната енергија, нејзината обновливост, нејзиното користење и перспективност, особено на фотоволтиците ни беа истоветни, речиси на исто ниво. Разбирливо е дека кога е збор за активните соларни техники предност им дававме пред сѐ на фотоволтичните систем, работевме во таква компанија, но имавме ист став за пасивните; особено изборот на материјали со поволна топлинска маса, како и на дизјанирањето на соодветни простори за живеачка. Ги имавме предвид општопознатите придобивки за човештвото-природен и обновлив ресурс, енергетска сигурност, драстично намалување на загаденоста и помало влијание врз климатските промени-ублажување на глобалното затоплување.
За фотонапонските панели како произведувачи на електрична енергија од соларна, со употреба на соларни ќелии поврзани во фотоволтаични модули односно низи, инаку главниот производ на нашата компанија, знаевме сѐ. Во „Фотоволт“ јас и Светол бевме најстручни. Јас за силата и моќта на панелите, конкретно за планирањето на фотонапонските соларни инсталации и нивната излезна моќност-на панелите, интензитетот на светлината, изложеноста на сонце во број на часови и аголот на поставување, а тој за ќелиите на стаклени плочи, нивното електронско поврзување во модули, како и употребата за придвижување на опрема или полнење на батерии.
Се надополнувавме во работата, просто не можевме еден без друг. На службените патувања низ земјата сѐ повеќе заедничко време посветувавме на слободните деноноќни дружења. Ни беа токму такви-слободни: прошетки во шума, на брег на река, езеро, море, запознавање на знаменитости, следење на театарски, музички, ликовни настани, забава во ноќни клубови и секако препуштање на сладострастјето. Нашиот сексуален однос од почеток беше усогласен и строен, со целосна меѓусебна исполнетост, секогаш со огнена страст. Бевме млади, јас на дваесет и една, тој на дваесет и три години; полетни, игриви и фантазери.
Стапивме во брак само два месеца откако останав бремена со Астрал. Не гледавме никаква причина, ниту некаква пречка да не го сториме тоа, а бевме согласни дека е добро да организираме и граѓанска и црковна венчавка. Гости ни беа неколкумина негови и мои ближни, колеги и пријатели. Без престан, без здив игравме и се веселевме во хотел од квечер до три часот по полноќ. Ја чувам венчаницата како драгоценост-од свила, небесно сина, елегантна и ненаметлива; здолништето украсено со тантела и везови, гориот дел од бела чипка.
До генот е, предопределеност е мојата семејна голема рожба. Не и на Светол. Моите одгледаа, сиромашно и со судни маки, три сина и четири ќерки, а јас отсекогаш сум посакувала и сонувала да имам многудетна рожба. Немерлива ми е радоста оти со Светол изродивме два сина и две ќерки, а заедно растевме три сина и три ќерки за девет години! Заедно два сина и две ќерки, а мои уште син и ќерка од него прифатени како свои. Светол беше син единец, одгледан од баба и дедо бидедјќи родителите му загинале кога имал сенасе четири години во страотна сообраќајна несреќа на автопат. По Астрал ни дојде на свет ќерката Ѕвездана, па Искра, па Извор. Помеѓу Ѕвездана и Искра со само мене знаен неочекувано се зачна Темелин, по страсна искра, како и Огнена по Извор. Бескрајно сум му благодарна на Светол што сите ги имаше за свои, сите ги сакаше со иста сила, внимание и грижа“.
Магнет сакаше да ја праша нешто за нејзината втора непреболна љубов, што ја доживеала дури на педесет и седум години, но помисли дека ѝ е една од таените, па се воздржа. Козјнае, можеби ќе реши и неа баш нему да му ја открие. А има ли нешто заедничко во сите?
„Запомни, Магнете мој, дека во двете љубови-со Михаил и со Светол, еднакво како во неколкуте краткотрајни и само мои, таени, некогаш поважно, некогаш најважно ми беше заедничкото одење по мојот и патот на моите предци и на моите потомци-на самодокажување, извишување, на затврдување на самобитноста; создавајќи, градејќи, надградувајќи, оставајќи зад себе непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење.
Љубовта со Светол ми беше и ми остана единствена, неповторлива. Со него ги доживеав сите четири темели на нашиот систем на постоење и опстојување-енергијата, земјата, човекот и волјата; енерегијата на животот, на земјата на нашето вкоренување, плодородна, на човекот самосвесен, независен, слободоумен, и на волјата како внатрешна несопирлива движечка сила на отпор, борба и опстој.
Не ги изедначувам непреболната љубов со Михаил и најпрвата со Светол само поради нивното ненадејно заминување во вечноста. Многу повеќе дека проживеав со нив живот каков што сум замислувала и посакувала. Споделени години од мене и од мојата рожба неизбришливи.
Како Светол наеднаш замина во вечноста? Баш ненадејно, буквално преку ноќ. Дојде во доцен ноќен час, се пожали дека е уморен и не се чувствува најдобро. Го тишти срцето, тешко дише. Му помогнав да легне в кревет, му дадов таблета за смирување, заспа и по минута-две престана да дише. Екипата од итната медицинска помош дојде по половина час но не можеше да стори ништо освен да констатира смрт“.
Магнет ѝ подаде шамиче да ги избрише солзите што мигум ѝ потекоа по образите.