Слики на безгранично време

Пред исчезнување

И вториот пат бев заедно со Петар Мазев на исто место, на чекор-два од влезот, од почетокот на невратот на творците; на неговиот физички сè уште не, а ментално и трансцедентално на самиот почеток. Може да се рече дека бев, а всушност не бев.

Бев на една изложба на слики на Мазев, кои од повеќедецениска дистанца извршија несомнено влијание на текот на создавањето на мојот свет; во кој се рамносилни животот и смртта и во кој нема строго разграничување меѓу светлината и тамнината. Напротив, боите и нивните нијанси на неговите платна еднакво влијаат на личното расположение, еднакво на трансформациите на личната природа. На исто рамниште се суштините на знаците, звуците и гласовите на живите и мртвите. С разбира, притоа го имам предвид неговиот изразит апстрактно-фигуративен и мошне колоритен експресионизам.

И по првиот и по вториот пат сум убеден дека ни во меѓувреме тој не ме запозна. Се разбира, тоа нема никакво значење.

Есенцијалното од втората средба:

Мазев не беше на отворањето на изложбата. Можеби само додека јас ги гледав сликите внимателно, притоа обидувајќи се да навлезам во нив и да заживеам со нив додека тие оживуваат во мене. Меѓу посетителите препознав некои познати и непознати македонски сликари. Моето внимание особено го привлече еден непознат господин; кој според однесувањето и брзите поминувања од една на друга слика не ми изгледаше дека има каков било допир со сликарството воопшто. Имаше впечатлив лик: високо чело, големи очила со дебели стакла (крупни очи), правилен нос, долги тесни усни, русокос (исчешлана коса угоре и без патец), издолжена брада.

Незабележливо му се доближив и му се обратив:

„Господине, убави се сликиве, нели? Мене ми се допаѓаат многу. Не го познавам сликарот Петар Мазев, мислев дека ќе го видам на изложбава и конечно ќе се запознаеме, но боиве ми се некако нервозно нафрлани на платнава. Исто како јас да сум ги изнафрлал“.

Тој ме загледа од глава до петици, па рече претпазливо покажувајќи го каталогот во неговите раце:

„Во каталогов пишува дека Мазев е истакнат македонски сликар…Не би се согласил со Вас дека боите на сликиве се нервозно нафрлани. Напротив, мене секоја ми е наместо, секоја освојува свој простор и е истовремено во хармонија со другите. Лесно се препознаваат лица и тела на луѓе во движење, во подеми и падови, во лет меѓу земја и небо…“

Прочитај и за ... >>  ЕДНОСТИ IV, песни во еден стих (слушајќи говор и пој на птици), 166-170

Го прекинав:

„Јас мислам дека Мазев само што не дошол…Излажав…Јас го познавам добро, но тој мене не. Ќе се сретнеме по вторпат…Со изложениве слики тој по којзнае кој пат докажува дека е во темелот на свет кој се создава со нас и пред нас сам од себе. Со други зборови, го создаваме заедно истовремено, наспоредно со постојниот како живот сам за себе. Тргнувајќи од реалноста која постои сосе своето непостоење. Сликиве создаваат конкретен свет кој е нечија реалност без никакво значење“.

Господинот зачудено:

„Вие го познавате сликарството?!…Близок сте му на сликарот?…Да не сте ликовен уметник или ликовен критичар?“

Му одговорив:

„Блиски сме, но јас не сум ни едно ни друго. Јас сум обичен човек пред исчезнување и се обидувам да откријам или создадам вонвременски миг. За некои невозможно, а според мене лесно за секој што проследил повеќе животи и смрти на ближни“.

Како никој од посетителите да не го забележа доаѓањето на Петар Мазев. Освен јас. За мене тоа беше мошне чудно, особено имајќи ги предвид неговото бледо лице, разбушавената руса коса, поднаведената става и повременото тресење на рацете и главата. Забележав како непознатиот господин се обидува да ни се доближи што повеќе. Сликарот како намерно да застана пред мене.

Мазев исто како на нашата прва средба, пред многу време:

 „Кој сте Вие? Досега не сум Ве сретнал. Имате некаква врска со моето сликарство?“

Се обидов да го потсетам:

„Господине Мазев, ова е наша втора средба во мојот досегашен живот. Многу сум радосен…Вашето сликарство ми е многу блиско“.

Ме праша гледајќи продорно во непознатиот господин, речиси прилепен до мене:

„Кој е овој господин? Не ми изгледа дека припаѓа на мојот круг…“

Господинот побрза сам да се претстави:

„Дозволете да Ви се претставам. Јас сум Карл Орф, композитор. Карл Хајнрих Марија Орф. Се надевам дека сте чуле за мојата „Кармина Бурана“. Можеби сте ја слушале…“

Мазев му одговори сомничаво и по малку иронично:

„Се разбира…Се разбира…Радо ја слушам…О Фортуна…Невозможно е да сте жив…Сте оживеале за мојава изложба?“

Се вмешав:

„Пријателе Мазев, јас верувам дека е тој…Очигледно оживеал…Тоа воопшто не е случајно. Напротив…“

Тој по малку нервозно:

„Ако мислите на некаква симбиоза меѓу моето сликарство и „Кармина Бурана“… Јас инсистирам на дивјаштво на чувствата и строгата индивидуалност“.

Прочитај и за ... >>  Пo нова бездна

Исто како на нашата прва средба. Од мене истата констатација:

„Јас Вашето дивјаштво на чувствата го разбирам метафорички, како нивно бранување, како нивно излевање со силни и мигновени бои“.

Потврди самоуверено:

„Да, да, и наспроти и спротивставени на егзистенцијалната материјалност“.

Се вмеша Карл Орф:

„Јас наоѓам и непосредна и посредна врска меѓу сликиве и мојата сценска кантата „Кармина Бурана“. Ова е вистинска хармонијата на човечкиот дух, рамнотежа меѓу телесното и духовното“.

Петар Мазев како да се замисли, па му се обрати замислено:

„Можно е…Всушност,  многу ми е познато Вашето дело, Господине Орф. Многу често го слушам додека сликам…Го знам во сите детали…Нејзината основа-дваесет и трите песни од збирката средновековни текстови и песни „Кармина Бурана“, пронајдена во манастир во јужна Германија…Секогаш ме понесува почетокот и крајот…Фортуна Императрикс Мунди“…

Нафрлувам јас:

„Дело со сила и енергија кои ги бришат границите на времињата далечни, блиски, сегашни и идни…Јас ги поистоветувам жестоките удари и чистите бои на платнава. Особено белата, црвената, жолтата, сината и црната…Со ударите на тимпаните, тапаните, трианглот, чинелите, кастањетите, дајрето, ѕвончињата, гонгот…И двете пијана и селестата.

Мазев ме погледна зачудено:

„И Вие со „Кармина Бурана“?!

Па му се обрати на Карл Орф:

„Господине Орф, драго ми е што сте оживеале за да ја посетите мојава изложба…Особено за врската што ја откривате меѓу моите слики и „О Фортуна“…Зошто не сте интервенирале кај организаторот да ја пуштат? Моите слики не се за гледање и доживување во тишина“.

Потоа отиде во канцеларијата спроти галеријата и по некоја минута се разлеаја стишано звуците и гласовите на возвишеното вонвременско траење на Орфовото дело. Го видов Карл Орф како со бавни чекори ја напушта галеријата.   

Есенцијалното од мојата втора средба со Петар Мазев:

Беше молчалив и замислен, со живо лице; исправен, стамен, виден од далеку, грамаден. Пред конечна разделба со земниот живот и истоверемено во некаква неодгатлива празнина. Јас и тој загледани во неговите големи слики пред одење во неврат. Тој грамаден, јас со мојата дребнавост. Сосе нашите неприкосновени индивидуалности, зависни единствено од темпераментот, емоционалноста и творечката енергија. Во изразита рамнотежа меѓу природата и нематеријалниот опстанок на човекот.   

ПРEД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 56

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.