Сенка од човек за сенка
и човек од сенка за човек
од дамнина тргнале на пат
долг недогледен стрмен
кривулест неизвесен
сосе време негде собрано
сосе меѓувреме
пеејќи играјќи мислејќи
дека какво што е ќе биде
доволно за опстанок
до стасување
на човечката цивилизација
во природа
сè уште неприспособлива
за сенка од човек за сенка
и човек од сенка за човек.
Наспоредно веќе деноноќно
следам гледајќи слушајќи
бдеејќи препознавајќи
зборови
со знаци извици и шепоти
на сенка без човек
сосе човек без сенка
надевајќи се дека скоро
ќе се најдам себеси во нив
па заедно
ќе стасаме со последни сили
макар
во природа слободна
во природа спокојна
но сè уште неприспособлива
на наврапити промени
во настроенијата
меѓу питомина и дивина
за плодородна живеачка.
ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Новота, стихозбирка,62




