Американските староседелци се погрешно наречени Индијанци затоа што Кристофор Колумбо бил убеден дека стасал во Индија, а не во новооткриениот континент Америка, па нив погрешно ги нарекол Индијанци.
Жителите на САД во поново време службено повеќе не ги нарекуваат Индијанци (Indians), туку американски домородци, односно староседелци (Native Americans). Називот Црвенокошци е навредлив.
Тоа се народи кои живеат на просторот од арктичка Канада и Алјаска до Огнената земја во Чиле и Аргентина. Меѓусебно се разликуваат според јазиците, културата и физичкиот изглед.
Во најразвиените народи односно цивилизации спаѓаат Олмеките, Толтеките, Маите и Астеците од Мексико и Инките од Перу. Денес многумина живеат во резервати, посебно во Канада, САД и Бразил.
Заедничко на сите е верувањето во едно суштество кое различните племиња го нарекуваат со различни имиња: Голем дух, Свет дух, Маниту, Мистична сила итн. Исто така кај сите е моше изразено почитувањето на природата и верувањето во природната мудрост, потоа судбинската условеност од природата, како и длабинската поврзаност на човекот и природата.
Кечуа (оригинално Quechúa) се директни потомци на населението на древното индијанско царство Tahuantisuyu (Tawantisuyu), или царство на Инките. Самите се нарекуваат Руна. Тие денес претставуваат најголема популација на американски Индијанци. Само оние Кечуа што не се хиспанизирани и говорат на свој јазик ги има помеѓу 12.000.000 и 16.000.000. Денес се распространети во Перу, Еквадор, Боливија, Аргентина, Чиле и јужна Колумбија.
Називот Инка го означувал врховниот владетел. Инките биле династија на владетели, а не народ. Зад Инките останале многу градови. Кузко (Cuzco), нивното средиште, и Мачу Пикчу (Machu Picchu) се секако најпознати. Изградени се од големи камени блокови, совршено наредени еден до друг.
Индијанците на Северозападиот брег се најбогати племиња Индијанци на Северна Америка. Живеат на подрачјето покрај Пацифичкиот брег, од Калифорнија на југ до заливот Јакутат во Алјаска на север. Во подрачјето на Големиот солен базен, пак, се населени сиромашните собирачки племиња на Шошоните, кои всушност биле „нога“-Индијанци. Тие непрестано биле во потрага по храна, бобинки, корења, разни плодови, ситен дивеч и друго. Јаделе буквално сѐ.
Најголеми проблеми денес Индијанците во САД имаат со алкохолизмот и коцкањето, но од друга страна токму коцкањето и нафтата се главен извор на богатење.
Племето Оглала Сиукси од Јужна Дакота ги обвинило трговците од пограничното гратче Вајтклеј во Небраска и барало оштета од 500 милиони долари од некои од најголемите пиварници на светот поради ширењето на алкохолизмот помеѓу индијанската популација.
Помеѓу 28.000 и 40.000 припадници на ова племе живеат во резерватот Пајн Риџ, во кој алкохолот е забранет, но од 1832. година може да се набави во блиското село Вајтклеј.
-Во тој град живеат 11-мина луѓе. Како тогаш годишно продаваат 4,9 милиони конзерви пиво?-прашува Том Вајт, адвокат на племето Оглала Сијукси.
Марк Васина, претседател на здружението „Граѓани на Небраска за мир“, тврди дека во Вајтклеј се продаваат до 13.000 конзерви пиво од 3,5 децилитри дневно и оти голем дел од ова количество завршува во резерватот.
Локалните жители велат дека секое четврто дете се раѓа со психички или физички пореметувања, што се доведува во врска со фактот дека мајките во текот на бременоста конзумирале алкохол.
Антрополозите сметаат дека изолацијата во која живеат американските Индијанци во резерватите придонела за големата стапка на самоубиства, злоупотреба на наркотици и алкохол, како и за крајната сиромаштија.
Меѓутоа, одделни племиња имале повеќе среќа. Најпознат случај е резерватот Форт Бертолд во Северна Дакота, во кој живеат племињата Мандан, Хидатса и Арикара. Таа територија им ја одредила државата кон крајот на 19. век. Еден век подоцна нафтените компании открија огромни наоѓалишта на нафта. Со Индијанците е склопен договор според кој племињата добиваат 100.000 долари за секоја нова нафтена бушотина. Се проценува дека во наредните 5 години дури 500 бушотини би можеле да се пуштат во погон, а тоа би значело дека припадниците на овие три племиња ќе станат милионери.
Сепак, најголем профит донесуваат индијанските коцкарници на територијата на резерватите во САД. Со таа коцкарска индустрија управуваат Совети на индијанските старешини. Благодарение на тоа што во резерватите се на сила поинакви закони, индијанските казина имаат значајни даночни олеснувања.
Најголема коцкарница во Калифорнија е Печанга резерватот и казиното во Темекула, со 3.400 слот машини на површина од 17.500 метри квадратни. Познати се и Казино Моронго и казиното на племето Чумаши.
Фоксвуд казиното, отворено во 1992. во Ледјард, го држи племето Машантукет Пекот и заработува милијарда ипол долари годишно-повеќе од кое било казино во Лас Вегас или Атлантик Сити.
Најбогато индијанско племе во САД е секако Шакопи. Во него 99,2 % жители не работат, и тоа доброволно, гордо истакнуваат неговите водачи. Едноставно, за тоа нема потреба, зашто секој возрасен припадник на племето (вкупно ги има 460-мина) на „убави очи“ прима повеќе од милион долари годишно!
Богатата исплата е последица на успешното работење на коцкарниците и хотелите во индијанскиот резерват во округот Скот-околу 45 минути југозападно од регионот Минеаполис-Сент Пол.
Како што објави „Њујорк тајмс“, секој возрасен член на заедницата месечно прима 84.000 долари, што е откриено случајно, откако еден припадник на племето поднел барање за развод.
Шакопи Индијанците живеат во скромни куќи, но пред речиси секоја е паркиран најмалку еден лукзусен автомобил. Обично имаат повеќе куќи и се познати според годишните одмори кои траат со месеци.
Многумина од нив се занимаваат со скапи хобија: лов на крупен дивеч и одгледување на чистокрвни коњи. Сите деца посетуваат настава во приватни училишта.
Ова е голем пресврт за племето кое некогаш го прогонувале американските војници, а засолниште пронашло во Минесота. Нивното речиси незамисливо богатство е резултат на успешното работење на неколку луксузни коцкарници и хотели кои племето ги изградило на својата територија-привлекувајќи десетици илјади коцкари-комарџии од регионот Минеаполис-Сент Пол, но и од цела Америка.
Хотелот „Мистик лејк казино“ е изграден на вештачко езеро и има 5 ресторани, 600 соби, конференциски центар, изложбена сала со 2.100 седишта, амфитеатар на отворено со 8.350 места и првокласен терен за голф.
„Мистик лејк казино“ според големината е четврто индијанско казино во Америка. Заедно со коцкарницата „Литл сикс“ остваруваат огромен удел во вкупната заработувачка од коцкарници во Минесота (1,4 милијарди долари). Тие пари племето, меѓу другото, ги користи за помош на други индијански племиња, во вид на позајмици и донации.