Настан и доживување II
Колку му пренесоа од себеси на Име татко му Стојмир и мајка му Милица? Поважно е што е различно според лични мерила и критеруми. Дали нивните навики и прифаќањето обврски сѐ до нивно целосно извршување? Да, многу од нив. А ставот или поточно животното искуство дека најважните одлуки во животот мора најнапред да се донесуваат самостојно или заедно со друг, со други, без оглед на советите, искуствата и знаењата на блиски, па дури потоа смислата на животот во најголема мера да се бара и наоѓа во раѓањето, одгледувањето, растењето и созревањето на многудетно семејство кое на каков годе начин ќе ја продолжи неговата опстојба? Е, тоа мора да се разграничи!
Да кога е збор за ставот, поточно за животното искуство, но за смислата на животот…За разлика од брат му Извор и сестрите Калина и Јагода, Име смета дека сасмосвеста и споделувањето се пред сѐ друго. Потоа непомирливоста со постојното која ги претпоставува одлучноста, спротивставувањето, борбата, па и револуционерноста. Смислата на животот, пак, уште од младешките години ја наоѓа во личниот придонес, на каков било начин, во развојот на системската демократија која е од него именувана и детално промислена, а одамна доследно ја развива, ја надградува развиениот свет.
Што се однесува на ученоста и интелектуалноста, несомнено е дека тие во голема, ако не во најголема мера ги има наследено и од татко му и од мајка му. Имајќи ги предвид нивните животни патишта-Стојмир како издвоено дете во сиромашно селанско семејство да учи, да стане учен и виден, идна глава на семејството, но останат и заживеан во Костец откако се вљубил во Милица и со неа создал семејство. Која, напротив, била единица на едни од најимашните скоро доселени во градот, а одгледувана, образована и воспитувана да знае да ги препознава, чува и негува вредностите како суштествени во животот воопшто и во нејзиниот.
Корен Стаменоски со прекар Име, со многу лица што ги користи како самоодбрана, за да не стане безличен или маргинален пред двете крајно спротивставени групи на видни луѓе, бизнисмени и политичари во Костец, спротивставени со заложбите за организацијата на секидневниот живот, особено неговиот квалитет, а само на неколцина знаен со вистинското-мислечка личност, во последно време сѐ почесто го прозиваат, бараат од него да го искаже или доискаже својот став за прашања и проблематики кои просто изнудуваат длабоко промислување. Особено откако почна да ја наметнува системската демократија како фуднаментална и неопходна во сите сфери на општествената и индивидуалната живеачка.
Вчера сосем случајно, сосем непланирано, некако спонтано се замеша во група млади луѓе, средношколци и студенти собрани во Паркот на слободата, во универзитетскиот кампус. Тие, видно расположени, некои од нив и возбудени оти е со нив, почитувана и признаена мислечка личност, го замолија колку може подетално да им говори за неговото ним познато гледиште за улогата на младите во создавањето нови естетски вредности. Дека токму младите ги придвижуваат народот и светот кон нови хоризонти, па е нужно да се поддржуваат и помагаат во нивната секидневна борба против безвредностите кои ја наметнуваат минливоста и ја деструираат стварноста.
Корен Стаменоски со прекар Име со рамнодушен, напати тивок глас им кажа:
-Тоа е неспорно. Може да се рече дека е ваша примарна задача. И во далечното и во блиското минато нови естетски вредности осмислувале, концепирале, дефинирале млади творечки личности. Отворале, освојувале нови хоризонти и ги придвижувале народите на светот напред. Се разбира, постоеле и постојат исклучоци, возрасни и стари што дале неспорен придонес на тој план, но тие не биле изделени, единствени, туку најчесто биле приклучени кон движење кое најчесто се нарекува авангарда. Да, вие морате секидневно да се борите против безвредностите кои ја наметнуваат минливоста, ја деструираат стварноста. Јас ве поддржувам. Ве поттикнувам да бидете уште похрабри и поупорити бидејќи стоењето в место обессилува, обесхрабрува и прави луѓето да станат апатични. А со такви, знаете, лесно се манипулира. Се користи нивното безмерно трпение.
Не се надевајте, не очекувајте од вас создадените нови естетски вредности веднаш да бидат прифатени. Вообичаено, отпорот на почетокот е многу голем, силен, напати жесток. Особено од оние што тешко се вклопуваат во каков било систем, тешко прифаќаат лични обврски и одговорности. Но, со време нештата ќе се наредат на своите вистински места.
Да бидам конкретен:
-Од она што ви е сега при рака, што било, направете игрив сонувач.
Му ветија дека ќе го направат најбрзо што можат.