ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ ИЛИ СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Потребно време за читање: 2 минути

Доживување XI

Неделно сончево и тивко утро. Корен Стаменоски со прекар Име е на централниот плоштад на Костец со Билјан Руменоски.

-Билјане, пријателе, што мислиш, ќе се дрзнат ли властодршциве да урнат макар еден од камениве, мраморниве, железниве и бронзениве спомен-обележја и скулптури? И како што ветуваа, ќе ги остават само отворениве изложбени простори и салони, културно-историскиве и забавни зданија, одморалиштава, шеталиштава, кафулињава, кафетерииве, клубовиве, трговскиве центри, фонтаниве и дрворедиве?

-Не знам, Име. Од нив може да се очекува сѐ. Сепак, да одат дотаму…

-Јас не ги разбирам. Немаат знаење, ниту аргументи со кои да ми се спротивстават кога им кажувам и докажувам дека како секој и нашиов централен плоштад е простор на искажан живот во минатото и денес; со белези, стилови и траги на времиња кои траат наспоредно, а едновремено меѓусебно ги надополнуваат своите содржини. Најавија уривање макар на еден од бронзениве револуционери, ама како да се плашат од Костечани. Белки стравот ќе ги запре, ќе се откажат.

-Може ќе го сторат тоа колку да докажат дека минатото е само минато и не треба да има потесни, дури ни нераскинливи врски со сегашноста и иднината.

-Ама тоа Билјане, пријателе мој, е недоветно, дури дебилно!

-Не се жешти, Име. Да бидеме трпеливи, да почекаме и да видиме што ќе се случи. Можеби ќе се сепнат, ќе се преисипитаат. Туку…

-Сакаш да ме прашаш за Музејот на љубовта? Чекаш заедно да појдеме, да го разгледаме, да се прошетаме низ него, а јас веќе бев. Ама нема проблем. Само кажи кога сакаш.

-Ми ги спомна восочните фигури на разделените маж, жена и две дробни деца во круг, едни спроти други. Како најболно раѓање на љубов со безвременско траење и никогаш угаслива.

-Признавам дека ја доживеав како да ја раскажуваат мојата со Роса, Смирна и Трајан. За мене како целина е потресна.

-Можеби е претставена токму таа?

-Не е, ама е сѐ уште безимена. Кустосот објасни дека авторот се согласил да се постави во музејот иако ја сметал за недовршена. Тоа ме потресе најмногу.

-А би прифатил да е, па уметникот да не ја довршил оти очекува да се види со тебе за да му помогнеш докажувајќи му ја?

-Што знам…

На Билјан Руменоски му стана јасно дека се надева оти восочните фигури што го потресле Име ја претставуваат токму неговата трагична, но неугаслива љубов со Роса, Смирна и Трајан. Му рече дека посакува што поскоро да појдат заедно во Музејот на љубовта.

Станаа од клупата и се разделија.

Leave the first comment