35. Си збори
Сцената е празна и полуосветлена црвено и црно.
Излегува Костен Јадроски и си збори гласно бавно чекорејќи напред-назад, лево-десно. Некогаш едвај се слуша, речиси шепоти, некогаш го повишува гласот:
-Си зборам, па што? Никому не му зборам за да ме слуша, да ме послуша или да има потреба да ме прислушува и преслушува. Кој не знае не знае, а секој што би дознал колку е добро да си збориш, значи на себеси, би си зборел со голем ќеф.
А бе нема врска со двојно јас, поделено јас и ти реков-ми рече во таа смисла. Нема врска ни со сакање или несакање да се збори со други, за други, пред други, покрај други. Си зборам, значи на себеси, зашто не сакам да си молчам на себеси и затоа што имам многу за зборење. Кога сè тоа би му го зборел на друг, на други, најверојатно би му здодеало да ме слуша, би му дошол преку глава со зборење и најверојатно ќе ја расипеме дружбата.
Не знам колкумина знаат кој сум и што сум. Не ме интересира дали има макар еден што ме знае по име и презиме. Зошто да ме знае? Се викам Костен Јадроски. И што? Може да се викам поинаку? Може, ама не може. Сакам да речам дека јас сум Костен Јадроски, а кој сака нека ме вика како сака. Ич не ми е гајле. Стварно ми е глупаво, ма идиотско е тоа со преименување на што било. На пример на државата за да им се удоволи на соседни држави во име на некакво си добрососедство. Тоа нема врска ни со тоа ни со што било друго. Ма тешка будалаштина, ма тежок идиотизам. Не знам зошто татко ми и мајка ми ме крстиле Костен. Да не сум им личел на костен како бебе? Како да не! Да не ме замислувале како костен кога ќе пораснам, ќе созреам и ќе остарам? Е како можеле така да ме замислат? Башка што сигурно знаеле дека постојат див и питом костен. А сигурен сум и дека тие не знаеле зошто им е презимето Јадроски. Од кои и каков предок им иде. Што? Тој бил јадро на нешто? На пример на род, на семејно стебло, на јадро во кое сè почнува и од кое сè тргнува? Нема врска!
Во последно време најмногу си зборам за државава ни и власта ни. Некогаш се фаќам себеси како не можам да престанам да си зборам. Се фаќам и како си зборам нервозно, се лутам, како подвикнувам, како да се карам со некој. Ако сега почнам, ќе терам до утре сабајле.
Ај само ова:
Добро бе, овие што се сега на власт не знаат или не сакаат да знаат дека државата е на народот? Дека на народ му треба држава, а држава не може без народ? Власт како оваа, пак, не му треба на народов, а тешко на држава со ваква власт. Се гледа тоа во секој сегмент од животов наш насушен. И што? Ги разнебитува и народот и државата. Намерно. Скоро ги разнебитија. Мамето нејзино. Башка што власта не ја избра народот, туку му ја натурија туѓини за свои геостратешки интереси. Кога јас би се прашувал, веднаш сите би ги поапсил и би им одзел сè што испокрадоа од народот. Тоа најпрво од сè. Простаци! Провинцијалци! Платеници! Мафијаши! Криминалци! Политиканти!
После на ред би ми дошле партиите. А бе какви партии? Овие се партии?! Сите би ги растурил, па би донел нов закон за формирање партии. После кој знае и може, нека повели, нека прави и регистрира партија. Што е ова? Ова е партиски плурализам?! Како да не! Кога ќе помислам на овие што ги имаме, ми иде да ги пцујам до бесвест. Катастрофа за народот и државата!
Да продолжам? Ај само уште ова, па да престанам да си зборам:
Знам, ама не сакам да знам што им е на луѓево! Ни сосила да се смеат, да пеат, да се фатат на оро. Ебати животот! Само трка по пари и троши ли троши! Знам, ама не сакам да знам дека е така зашто меѓу нив веќе нема љубов. Тоа е! Не е ни тоа што тие мислат дека е. Дури мешаат љубов и секс? Демек нема љубов без секс, исто како што е животински сексот без љубов.
Како јас? Секако. И си зборам, значи со себеси, зашто така ми е сè полесно. И баш ми е драго што сегде среќавам луѓе што си зборат како јас. За што било. За што сакаат. Како јас.
Костен Јадроски ја напушта сцената. Таа потонува во мрак, а завесата се спушта.