ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Потребно време за читање: 3 минути

31. Старобрачна љубов

Маж и жена во длабока старост, облечени старски, во кујна со: стар зелен креденец, шпорет на дрва, среде кујната дрвена маса и две дрвени столици, а спроти железниот кревет до ѕидот на влезната врата масиче со мал телевизор. Подот покриен со черга. На ѕидовите мали и големи фотографии со нив двајцата, сами и заедно на различна возраст, врамени во тенки дрвени рамки. Доминира според големината и содржината од нивната венчавка: таа седната облечена во чипкан невестински фустан, со везена шапка на глава, а тој стои крај неа во фрак, цилиндар на глава и бастун в раце; има мошне впечатливи, големи црни мустаќи виткани нагоре.

Тој седи на креветот, држи раширен весник в раце, а таа крај шпоретот на кој има едно поголемо и едно помало тенџере; во десната рака држи дрвена мешалка.

Тој:

-Јас стварно не сум паметен кога ги гледам младите во љубов и кога читам од нив за бракот. Мене работава ми изгледа ептен забегана.

Таа:

-Ај бре, не будали се. Ти одамна не си паметен за ништо. Дибидус, пак, за љубовта и бракот на младите.

Тој:

-Ти па одвај чекаше да начекаш да ме навредиш право в лице. Ти реков дека нивнава работа со љубовта и бракот ми изгледа ептен забегана. Не велам дека е.

Таа запира да меша со мешалката во поголемото тенџере, се свртува кон него, го загледува и му вели:

-Добро, не ти го кршам муабетов. Баш најде за што да муабетиме, ама нејсе. И? Што е маката во љубовта и бракот на младите што те прави стварно да не си паметен?

Тој го одлага весникот на масата, помолчува неколку мига загледан втренчено во неа и ѝ вели:

-Маката е дека ни во неа ни во него нема ама ич мака! Една, две, три, секој ден друга, ќе спијат со една, со друга, со трета, никако да се изнаспијат, и оп…во брак. Недела, две, три, месец, два, три, па не бидува, па не си одговараат еден на друг и трт…развод! Во меѓувреме едно дете, две, три? Голема работа. Важно тие да не трпат зашто тие не се трпат!…Ма да пукнеш од мака!

Таа:

-Пукни ако ти се пука. Нема врска што изнакажа. Не е многу различно од нашето време. Малку е во формата, во нијансите, ама е исто. И тогаш имало прва љубов, ко нашата, може повеќе први од денес. Имало и втора и трета…А тоа со бракот…Во наше време ако некој или некоја запнеше да се забрачи од сакање немаше шанса да се мешаат стројници, сватови, договори танте за кукуригу, ти реков-ми рече.

Тој ѝ го пресекува зборењето со повишен тон:

-Чекај малу! Добро слушнаа ушиве мои? Нашата беше прва љубов?!

Таа го гледа зачуден:

-Зарем не беше?!

Тој:

-Беше моја, а јас твоја…Бев ли?

Таа:

-Ај не се будали на стари години! Дали си ми бил прва љубов! Ами која ако не прва?

Тој:

-Баш не ми текнува.

Таа:

-А ти сигурен си дека ти бев прва?

Тој:

-Нормално. Мислам…љубов.

Таа:

-Аха! Значи љубов прва. А нељубов?

Тој го зема весникот в раце, божем се зачитува и промрморува за да го чуе:

-Ете ти ја суштинската разлика. Порано се знаело и не се знаело, ама многу не се прашувало. А сега прво што му текнува нему да ја праша уште пред да има абер за женење е „А колку си ги имала досега, пред мене?“. Да, исто и нејзе ѝ текнува. Одговорот? Тотално неважен. Дури напротив, тоа да ти било како искуство што може да ја зацврсти љубовта во бракот.

Таа:

-Чекај, чекај…Не ми текнало да те прашам досега. А колку си ги имал ти пред мене? Ај гукни, синко свекрвин.

Тој:

-Бегај мори! Сега ти текнува да прашаш…Го тури кафето? Не сум расположен за глупости и баналности.

Таа:

-Ќе ти го турам! Значи криеш.

Тој:

-Што има да кријам? Ти реков. Мене ми беше прва љубов. Вистинска.

Таа рамнодушно:

-Имаш право. А знаеш колку ги имав јас пред тебе? Баш не ми текнува…Батали. Глупости и баналности…На нашиве години најважно е тоа дека нашата на обајцата ни беше прва љубов. Смени тема или да молчиме!

Тој:

-Што е ова?! Ова нит` се чуло, нит се видело. Сите до еден тешки апашишта и простачишта на власт. Ја испокрадоа државата, го испокрадоа народот!

Сцената се затемнува, завесата паѓа, а публиката осветлена полека излегува од гледалиштето. Очигледно тотално рамнодушна.

Leave the first comment