ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Потребно време за читање: 3 минути

2. Брачна епизода

Сцена:

Политичарка и бизнисмен во брачна заедница, легнати в кревет, еден покрај друг, во заспивачка поза, метар ипол оддалечени. Осветлени, а сѐ околу нив во мрак. Публиката во молк, мува и комарец се слушаат кога летаат над неа.

Политичарката: Да не сум ти јас брачна, мрак ќе ти го изедеше бизнисот. Не ќе останеше ни „Б“ од него. А ти, синко свекрвин, ми се чаталиш пред луѓево ко успешен прекуноќен бизнисмен. Мислиш дека не ми текнува, дека не знам зошто трчаше околу мене? На глава ми се качи дури не се смилував да те земам за маж…Мислиш дека не бев информирана оти никако не ти оди бизнисот, пропаѓаш? Си сфатил дека нема ништо без политика, без политичари зад грб?

Бизнисменот: Тебе уште не ти дошол умот в глава! Уште не научи дека се други времињава. Бизнисот да ми зависи од вас политичарите? Од вас политичарките? Како да не! Обратно, недрага, обратно немила моја. Вие зависите од нас. Ти од мене! Колку побрзо ќе го научиш тоа, толку ќе ти биде полесно и политичката кариера ќе ти биде поуспешна…Да не сме ние, ќе си го прашам дали ќе станеше, а камо ли да бидеш политичарка…Си заборавила недрага, немила моја! Брзо си заборавила! Ти трчаше по мене, околу мене. На глава ми се качи, ми легнуваше, ми стануваше кога ќе ти текнеше сѐ дури не прифатив да те спонзорирам… Ти што се замислуваш? Дека си успешна политичарка? Што е тоа?

Политичарката: Да знаеше, да ти беше јасно, немаше ваков да ни биде браков. Сѐ надвор од кревет нула! Ќе бевме во хармонија, ќе ги споделувавме и заедно ќе ги решававме моите и твоите проблеми. Ќе бевме во симбиоза.

Бизнисменот: Ха, симбиоза. Боза! А знаеш, ти текнува ли зошто не ни е таков? Затоа што и в кревет тераш политика. И со мене и со којзнае кој сѐ не.

Политичарката: Ооо, види го ти него! Прекуноќниов бизнисмен уште станал и љубоморен, сомничав. Уште ме обвинува за неверство, за вонбрачни врски! Како не ти е срам? Како си дозволуваш?

Бизнисменот: Грешиш, многу грешиш немила и недрага моја. Воопшто не сум љубоморен. Има на кого?!…Ај не ми се прави наивна и невина…Мислиш дека неработницине, стечајцине ќе те третираа ако не им попушташ, ако не им се додворуваш? Мислиш дека ќе те толерираа како политичарка ако седиш, ако стоиш пред нив?…Што ќе беше со твојот рејтинг како таква?…Твојата политика не е сексуална?

Политичарката: Чекај да се прекрстам со двете раце. (Се прекрстува). Па ти, бре, бизнисмену ниеден, ништо не си научил од транзицијава, од приватизацијава, од плурализацијава. Не правиш ни основна разлика помеѓу позиција и опозиција!

Биснисменот: Да де, ќор сум, глув сум, па не гледам дека кога си во позиција имаш еден, а во опозиција друг однос со нив. Во позиција си избираш свои, а во опозиција се трудиш да им бидеш на сите…Ај да не речам што, си знаеш ти…Е јас, за разлика од тебе, политичарко ниедна, моите работници и работнички си ги третирам како такви во секој поглед, на секој план, па немам вакви како тебе. Толку години си некоја си капиталистичка, бившокомунистичка политичарка, а не го научи ни основното од капитализмот: дека бизнисот го врти светот, а не политиката, и дека политиката зависи од бизнисот, а не обратно.

Политичарката: Не сум знаела дека можеш да бидеш толку дрзок и безобразен. Особено не толку будала! Во која земја, во каква заедница мислиш дека живееш? Во капиталистичка или вечно транзициона, заприватизирана за никогаш да не се доприватизира? Во демократска или полит-бизнис-олигархиска?

Бизнисменот: Во иста како во креветскава. Во мрачна, наместо во брачна!

Двајцата замолчуваат, дишат плитко, забрзано, и гледаат кон небото од платно со нацртани ѕвезди и месечина.

Бидејќи еден дел од публиката почнува да негодува, да вика „Уа“, да пцуе, да станува и да ја напушта претставата, а друг се замислил и молчи незаинтересирано, човекот одговорен за амбиентот на сцената, посебно за светлината и сценографијата, решава да ги угасне рефлекторите и да ја спушти завесата

Leave the first comment