15. Политичкио дијалог
Двајца пријатели, пензионери, членови или симпатизери (неутврдено) на владејачка и на водечка опозиционерска партија.
Првиот:
Ова вака веќе не оди! Катастрофа! Овие навистина немаат врска! Урнисаа сè, сè уназадија. Народецов страда, офка, жив страв го јаде, а тие гајле немаат, мува не ги лази!
Вториот:
А оние се цвеќе за мирисање? Си ослепел при очи, па не гледаш ништо од убавото и арното што го прават овие. Грешат, не велам не, ама на грешките се учат. За разлика од оние што не признаваа ниедна грешка, па останаа неучени и како такви народецов не сака ни да ги види, ни да ги помириса…Биди реален, драг пријателе опозиционерски, и признај дека овие си се на место, па уживаат максимална доверба и глатко ги тепаат оние на избори.
Првиот:
Оние не се ни трудеа да бидат цвеќе за мирисање, туку од пот и макотрпност немаа време ни убавина, ни мода да тераат. Одвај успеваа пристојно да изгледаат. Па и семејствата им страдаа поради нивната непрегорна работа.
Вториот:
Тие непрегорно работеле?! Ма ајде, ти се молам! Па, тие не веруваат дека е можно и мајтап тераат со посветеноста на оние во владата на чело со првиот од нив, со деноноќната, 24- часовна работа. Не знаат што е симболика, буквалисти се како што се. Народецов не заборава што му направија и што му оставија. Дека сè му расипаа, запустија сè, и на голо и на суво ги оставија.
Првиот:
Ај ќе видиш, многу брзо ќе победат на избори и ќе се вратат на власт. После ќе правиме муабет за овие. Ако не се скриеш во глувчешка дупка, па да не можам да те најдам, да те видам и да те прашам за одговорноста…
Вториот:
Каква одговорност? Ако се овие неодговорни, криминални ко што велат оние, што не им ги извадат досиејата? Оти досега не ги оцрнија со нив, да не се на власт толку години? Не велам не, и помеѓу нив ќе се најде некој што огрешен од законот, ама веднаш го наоѓаат, го фаќаат и си го крка судски. Сакаш да ти ги набројам? А колку оние фатија од своите?
Првиот:
Слушни што ќе ти речам, драг пријателе опозиционерски! Колку побрзо оние ги сменат овие, толку подобро и за државичкава и за народецов ни…Освен ако не се најдат некои трети. Опитни, стручни, а непознати…
Вториот:
Нема шанса ни да се јават. Всушност, се јавија во меѓувреме и им се приклучија на овие. Си ослепел при очи, па не гледаш.
Првиот:
Ма не мислам на нив, туку на некои што ќе деполитизираат…
Вториот:
Како да не! Зарем си толку наивен и будала, па не разбираш дека е сè политика?
Првиот:
Ниту сум наивен, ниту будала! Само цврсто стојам на ставот дека оние се подобри од овие.
Вториот:
Стој си на ставот дури не му дојдеш на ред на стапот!
Долго се разделуваа без поздрав и си ги продолжуваа своите политички монолози.