Излегле во самрак сенишни сенки
онемени, обезличени, обеснажени
дека не чувствуваат,
камо ли да догледаат нешто живо
што може да личи и на човек
пред смрт.
Ту се издолжуваат, се смалуваат,
ту се продолжуваат безнадежно,
ту се измешуваат
како веќе да не се препознаваат
меѓусебно.
Сенишни сенки меѓу урнатини,
на купишта камења, железо,
бетон, песок, прав,
откорнати дрвја и пресечени
наполу од молњи.
Можеби нешто живо,
може што личи и на човек
би забележало
дека сите сенишни сенки одат
со бавен чекор, речиси уплашени
од нешто
кон еден и единствен керуг
на длабока ноќ,
кон ниедно време во невреме.
Да не почне наскоро самотија
само нивна,
со последно одлетување на птици
кои сè уште не научиле да летаат?
Не ќе е тоа, туку ќе да е само едно
од многуте досегашни исти
митски игри со кои се молат
секакви божества и божици
да почнат нечиј нов, прв живот,
како зародок на нов жив свет
Кој ќе ги расчисти урнатините
за на нивно место да почне
да гради нови живеалишта.
ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 31