СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Потребно време за читање: < 1 минута

6. Бисера

Мајка ни се вика Бисера. Мајка ни е иако не ни е, иако ни е помајка. Веќе е во зрелите години, на почетокот од месецов наполни четириесет и седум, но тие ниту ѝ се гледаат, ниту ѝ се бројат во очите и на лице. А и на снагата ѝ не оставиле никаква трага; ниту ѝ тежат, ниту почнала да се свива под нивен товар. Секогаш е гордо исправена и чекори стамено, лесно и елегантно. Товар на годините? Јас и Ѕвездана, сестра ми, не знаеме за ниеден.

Мајка ни е умна, слободоумна и учена жена. Почитувана и авторитетна во своите кругови. Исто како татко ми. Баш на исто рамниште.

Бисера ни е помајка, а вистинска мајка. Имам многу што да раскажувам за неа како таква. Првично ова: останала бремена на дваесет и шест години, носела близнаци, машки, но не знам како и зошто се случил спонтан абортус во петтиот месец. Таа никогаш никому не му се отворила дотолку за тоа да го открие. Потоа ѝ препорачале да не забременува пак оти е ризично по нејзиното здравје, дури и по животот. Па заедно со татко ни нè зеле мене и сестра ми од домот за незгрижени деца. Јас на шест, а таа на осум години.

Leave the first comment