32. Ѕвездана и љубовта
Ѕвездана е веќе девојка, убава на лице, со стројно тело, подготвена за љубов. Подготвена?! Да не созреана? Исто како брати ѝ Апостол, впечатлив црномурен младич со коскесто лице? Со оглед на годините на обајцата, не подготвени туку созреани.
Многумина повозрасни се изненадуваат кога ги слушаат размислувањето и ставот на Ѕвездана за љубовта:
„Не знам што значи да си подготвен или созреан за љубов. Не прифаќам дека е тоа поврзано со возраста односно годините. Најпрвин затоа што сметам дека во ниедно доба на човекот љубовта не се случува, не освојува наеднаш. Клучни за неа се доживеаноста и траењето. Бранувањето на емоциите пред некого, при што привлечноста е нешто како нејзин вовед, некои тоа го нарекуваат флуид, можеби пројавно е мигум или изненадно, но според мене не е можно без претходни „подготовки“. Мислам на атмосфера, близост, запознавање и време за споделување.
На подготвеноста или созревањето за љубов јас ѝ спротивставувам љубов која се случува попрво од која било друга: непорочната. Може никогаш да не се доживее нејзината полнота, но се случува или се доживува во најраната „љубовна фаза“ на секој човек; уште во првите младешки години. За жал, најчесто не сме ни свесни дека ни се случила. Нејзината непорочна „содржина“ ја доживуваме, па и ја преживуваме некако отпосле како прва, единствена и неповторлива, незаборавна, дури најсилна од сите љубови по неа.
Во врска со подготвеноста или созреаноста за љубов има едно според мене круцијално прашање: дали постои поврзаност меѓу непорочната љубов, страста и предаденоста, и ако постои каква е таа конкретно? Имам свој одговор, но сè уште не знам дали е целосен и неменлив: да, постои, и тие се наспоредни кога станува збор за доживувањето на нивната полнота.
Што се однесува на сексот, јас го прифаќам ставот на постарите, на моите родители дека тој треба да „почне“ во вистинско време, кога телото во љубов ќе биде подготвено за него“.